Лионел Меси во реванш натпреварот против Челзи од осминафиналето во Лигата на шампионите го постигна јубилејниот стоти гол во ова елитно натпреварување, но по мечот нагласи дека пласманот во четвртфиналето му е поважен од личниот успех.
Тој е вториот фудбалер со 100 и повеќе голови во Лигата на шампионите, по Кристијано Роналдо кој во моментов има 117.
Меси го постигна првиот гол на натпреварот против Челзи и ја водеше Барселона до триумф од 3:0 и пласман во четвртфиналето.
– Среќен сум поради стотиот гол во ова големо натпреварување, но најважно ми е дека одиме понатаму. Важно беше навреме да постигнеме гол, и тоа се случи, но ништо не беше готово се до третиот погодок, нагласи Меси.
Ждрепката за четвртфиналната фаза ќе се одржи утре.