Прочуениот фудбалски стадион во Рио де Женеиро, популарната „Маракана“ ќе го промени своето официјално име во „стадион Едсон Арантес до Насименто – Реи Пеле“.
Одлуката за промена на името на стадионот според еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња денеска ја донесоа властите во бразилската сојузна држава Рио де Женеиро, а за да стане правосилна мора да биде одобрено и од сојузниот гувернер.
Пеле (80) одигра голем број натпревари во дресот на бразилската репрезентација на „Маракана“, постигнувајќи го на овој стадион и својот 1.000-ти гол во кариерата, во 1969 година.
Официјалното име на „Маракана“ сега гласи „стадион Марио Фиљо“, според бразилскиот новинар, кој во текот на 40-те години од минатиот век лобираше за негова изградба.