Два златни медала беа доделени по трката на 50 метри пеперутка во машка конкуренција на Европското првенство во пливање што се одржува во Берлин.
Французинот Флоран Манаду и Белорусинот Јукен Цуркин патеката ја испливаа со исто време од 23 секунди. Во истата дисциплина беа доделени и две бронзи бидејќи исто време – 23.21 секунди имаа: Андреј Говоров (Украина) и Бенџамин Пруд (Велика Британија).
Во женската трка на 50 метри пеперутка Сара Сјостром од Шведска го доби дуелот со Жанете Отесен од Данска. Сјостром имаше време 24.98 секунди, а Отесен 25.34. Бронзата ја освои Британката Франческа Халсал.
На 100 метри грбно европската титула му припадна на Британецот Кристоф Вокер, кој победи со време 53.32 секунди. Медали освоија уште: Французинот Жереми Стравиус (сребро) и Германецот Јан-Филип Гланиа (бронза).
Британците доминираа и во трката на 100 метри градно освојувајќи ги првите две места. Адам Пити победи со време – 58.96 секунди, пред Рос Мудрок, додека третопласиран беше Литванецот Гиедриус Титенус.
Шпанката Дуан Да Роча победи во трката на 200 метри грбно со време 2:09.37 минути, пред Британката Елизабет Симондс и Дариа Устинова од Русија.
Британската штафета 4 х 100 метри мешано каде пливаа двајца мажи, а потоа и две жени стана европски шампион, пред штафетите на Холандија и на Русија. Составот Кристоф Вокер, Адам Пити, Хема Лов и Франческа Халсал постигнаа и време на светски рекорд – 3:44.02 минути.