РЗакрепнувањето на Роџер Федерер од повредата на коленото оди добро и се очекува да се врати на Австралија опен, изјави неговиот личен тренер Иван Љубичиќ. Федерер (39) не излегол на терен на официјален натпревар откако загуби од Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија опен пред девет месеци.
Тој не играше поради операција на коленото и пандемијата.
– Федерер е во фаза на закрепнување и би рекол дека работите одат во многу добра насока. Тој тренира се повеќе и повеќе и подобро. Сакам да видам до каде може во наредните месеци. Доволно е самоуверен, рече Хрватот во интервју за ОКтенис.ит.
Освојувачот на 20 грен слем титули се уште не ја прецизираше својата програма за следната година, но гарантира учество на Австралија опен во јануари.
„Сигурно не можам да кажам денеска што ќе правиме во април. Знам дека сакаме тој да игра одлично на Австралија опен, а потоа да видиме. Важно е да одиме чекор по чекор и да ги почитуваме периодите за одмор “, додаде Љубичиќ.