Во спортската сала на основното општинско училиште „Илинден“ во Крива Паланка денеска се одигруваат зонските училишни спортски натпревари во кошарка за средношколци.
Организатор на зонските училишни натпревари е општински сојуз на училишен спорт – Крива Паланка.
На турнирот учествуваат екипите на средното училиште „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе и гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово.
– Оваа недела е недела на кошарката во нашиот град, денеска сме домаќини на трите најдобри средношколски екипи во машка конкуренција од регионот, а по одиграните натпревари секој со секого, ќе биде позната екипата што ќе продолжи со учество во повисокиот ранг натпревари на регионално ниво, во организација на Федерација на училишен спорт на Република Северна Македонија (ФУСМ). Утре во истата сала, нашиот сојуз е домаќин на зонските училишни натпревари во кошарка во женска конкуренција, а ќе играат екипите од Крива Паланка, Куманово и Пробиштип, изјави Билјана Јовановска, претседателка на општинскиот сојуз на училишен спорт – Крива Паланка.
Во четврток и петок ќе се одржат зонските училишни натпревари во кошарка за основни училишта. Во машка конкуренција домаќин на средбите е Куманово, додека турнирот во женска конкуренција ќе се одржи во Крива Паланка, а ќе настапат екипи и од Куманово, Пробиштип и домаќинот Крива Паланка со екипата од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“.