Историјата покажува дека тимот кој ќе ја елиминира екипата која ја предводи тренерот Пеп Гвардиола во полуфиналето на Лигата на шампионите, ја освојува титулата во елитното натпреварување, пишуваат шпанските медиуми.
Гвардиола со Баерн синоќа беше елиминиран од Барселона во полуфиналната рунда, па шпанските медиуми наклонети кон каталонската екипа, поитаа да направат анализа, во која Барселона веќе ја промовираа во нов европски клупски првак.
Шпанскиот весник „Спорт’’ потсетува на освоените титули на Интер и Челзи во 2010-та и 2012-та година, кои во полуфиналето тогаш ја елиминираа Барселона, која беше предводена токму од Гвардиола, како и минатогодишниот триумф на Реал Мадрид, кој до финалето, а подоцна и трофејот, стигна со елиминацијата на Баерн Минхен во полуфиналната рунда.
На ваквата традиција, Гвардиола сигурно „нема да жали“ потенцира весникот, пренесувајќи ја неговата изјава по синоќешниот натпревар и пировата победа на Баерн.
– Барселона заслужено излегува како победник во овој дуел. Од се срце посакувам да ја освои петата титула во Лигата на шампионите, изјави Гвардиола, притоа потенцирајќи дека големиот број на повреди на клучните играчи биле една од најголемите причини за елиминацијата на Баерн.
Иако синоќа Барселона беше поразена, сепак каталонската екипа заслужено се пласира во големото финале закажано за 6 јуни на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, каде за противник ќе го има подобриот од дуелот Реал Мадрид – Јувентус, екипи кои вечерва ќе ја одиграат реванш средбата од полуфиналето, а во која италијанскиот шампион ќе стартува со предност од 2:1 остварена на домашен терен пред осум дена.