Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше прием за македонската кикбокс репрезентација, која на неодамна завршеното Балканско првенство во Ниш, Србија, постигнаа одлични резултати и освои шест медали.
– Освоените шест медали во конкуренција на преку 220 репрезентативци на 10 држави говори за тоа дека македонскиот кик бокс има светла иднина. Тоа се докажа и во минатото на Европските и Светските првенства, каде нашите репрезентативци во континуитет имаат одлични настапи и се освојувачи на највисоките одличија, изјави Спасески.
Тој им го честиташе успехот на медалистите и им посака уште многу вакви блескави моменти во нивната спортска кариера.
Спасески и го честиташе изборот на претседателката на Македонската кикбокс федерација, Александра Неделковска за претседател на Балканската Кик боксинг федерација и како што рече, тоа е уште една потврда за високото реноме и угледот кој го ужива Македонскиот кик бокс во меѓународни рамки.
Македонските репрезентативци беа задоволни од постигнатиот успех и искажаа надеж дека овој успех ќе се повтори и на Светското првенство, на кое наесен домаќин ќе биде Белград.
Неделковска се заблагодари на поддршката која федерацијата ја добива од страна на државата и Агенцијата за млади и спорт и најави дека во 2016 година, Република Македонија повторно ќе биде домаќин на едно големо меѓународно натпреварување во Кик бокс.