Градоначалникот на Гевгелија го дал името ФК „Кожуф“ од Гевгелија на клуб од село Миравци

Од:

Градоначалникот на општина Гевгелија потпишал договор со кој името на ФК „Кожуф“ од Гевгелија го отстапува на користење на ФК „Миравци“ од село Миравци. Ваквиот договор не успеал и правно и реално да заживее поради неможноста новиот регистриран клуб „Кожув Гевгелија“, со седиште во село Миравци, да го користи името во текот на Државното фудбалско првенство, бидејќи ФК „Миравци“ од Миравци има лиценца за натпревари под името „Миравци“ и со тоа спорни се нивните настапи под новото име.

Наспроти тоа, постојниот гевгелиски фудбалски клуб „Кожуф“ со 91-годишна традиција, деновиве се соочува со груби опструкции во своето работење токму од челниците на локалната власт. Со упад на претставници на ФК „Миравци“ одземена им е можноста да располагат со Градскиот стадион на чија адреса е и регистриран клубот. Згора на тоа, ФК „Кожуф“ располага со валиден и правосилен договор за неограничено користење на Градскиот стадион, како и на канцелариите и на соблекувалните што се во негов состав, потпишан, исто така, од локалната власт, односно од градоначалникот на општина Гевгелија од претходниот мандат во 2008 година. Тие вчера отидоа во своите законски простории и одржаа состанок, а подоцна и првиот тренинг на градскиот стадион.

Dogovor 2008

За да биде спортската брука поголема, претседателот на ФК„Миравци“, Васил Штерјов, повикал полиција за да се расчисти случајот, а на гевгелиски „Кожуф“ како поддршка му пристигнаа повеќе десетици членови на навивачката грипа „Фантоми“. Убедувањето траеше повеќе од два и пол часа меѓу претставници на двата клуба, во аргументација кој има право на користење на стадионот и на просториите.

Гевгелиските кожуфци рекоа дека не го отстапуваат просторот, бидејќи се на својата регистрирана адреса, со валиден договор од Општината и дека, ако целиот спор е поради финансиски добивки, тие се откажуваат од буџетските средства што ги доделува Општината и сакаат понатаму да играт фудбал самостојно, со свои сили и со помош од спонзори.
Претседателот на ФК „Миравци“ се закани дека за ова сите ќе добијат кривични пријави.
Полицијата остана на нивото на својата задача да ги спречи евентуалните судири меѓу двете спротивставени страни, повлекувајќи се со образложението дека спорот треба да се решава на повисоки инстанции.

Целата збрка започна во јули годинава, кога на предлог на градоначалникот на Општината, а по барање на ФК „Миравци“, Советот на општина Гвегелија донесе одлука за отстапување на Градскиот стадион на користење на ФК „Миравци“ на период од 10 години без надомест. Ова беше спорно за дел од советниците од опозицијата, бидејќи е надвор од статутарните овластувања на Општината за располагање со локалниот општински имот без јавен тендер. За поткрепа на својата решеност градоначалникот Франгов на седницата најави: „Ако треба и Статутот ќе го менуваме“.

Наместо да се менува Статутот за да се озакони невалидната постапка, работите продолжија и понатаму во сомнителна правна конотација. ФК „Миравци“ предложи да се фузионира со ФК „Кожуф“ од Гевгелија и да продолжи фудбалскиот од од Втора, каде што сега настапува „Миравци“, кон Првата македонска фудбалска лига. Но, наместо тоа, бидејќи е неможно според правилата на Фудбалската федерација на Македонија еден клуб давапати да се фузионира (ФК „Миравци“ веќе има направено фузија со ФК „Вардар“), тие посегнаа по нова регистрација присвојувајќи го името на веќе постоен клуб „Кожуф“, изменувајќи само една буква „в“ на крајот. Ова значи дека тие не постапиле според одлуката на Советот на општината, иако во своја одбрана велат дека ги имат сите согласности од претставниците на локалната власт.

Tekovna registracija

Од друга страна, пак, ова од гевгелиски кожуфци е прочитано како намера да се закопа вековната традиција на клубот и срамното газење по нивните досегашни фудбалски дострели.
„Ако може градоначалникот да го даде името на клубот, зошто овие шест години, кога раководеше со клубот, не дојде да го искоси игралиштето, туку бевме сведоци дека беше обраснато едно метар трева“, вели Ристо Божинов, сегашен тренер на ФК „Кожуф“.

kozuf - BALI TREVA

„Гевгелиски ‘Кожуф’ е бренд, било да игра во Првата, во Втората или во Третата лига како сега. Низ него поминале генерации фудбалери, кои се гордост за Гевгелија, и така и ќе остане и мора да остане“, вели Роберт Елбасанов, претседател на Собранието на ФК „Кожуф“. „Подготвени сме да се откажеме од финасиите од локалниот буџет, ако им е целта тоа, само нека го остават фудбалот настрана од сите други игри“, додаде Елбасанов на состанокот со играчите и со претставници на управата на ФК „Кожуф“.

„Кожуф“ има високи амбиции за спортската сезона. Досега располага со 20 играчи, а уште седум нови ќе бидат регистрирани во текот на оваа недела, велат од управата. Единствен проблем е (не)разбирањето со локалната власт и одбивањето да се сретнат со нив. Проблем е што и покрај располагањето со соблекувалните и вчера истрчаниот тренинг на Градскиот стадион, претседателот на ФК „Миравци“ закажал натпревар на јуниорите во недела на теренот на стадионот, а истиот ден ФК „Кожуф“ има редовен дуел со „Партизан“ – Обршани во рамките на Третата фудбалска лига од Државното фудбалско првенство на Македонија.

Дали градската власт ќе најде сили да го одржи постоењето на „Кожуф“ или ќе се легитимираат како заткулисни гробари на вековната традиција на гевгелискиот фудбал. Одговорот можат да го дадат самите доколку покажат чувство на одговорност кон сторената рашомонијада со располагањето со Градскиот стадион.

Posledna1

Posledna 2

Но, постапките на градоначалникот велат дека тој веќе одбрал страна: вчера (30.8.2013) потпишал договор со претседателот на ФК „Миравци“ со кој му го одобрил правото да го користи името на „Кожуф“, со „в“, и правото да располага со Градскиот стадион. (А, правната регистрација на ФК „Кожув-Гевгелија“ од село Миравци е заведена во Централен регистар на РМ на 23.8.2013 година. Некој избрзал пред договорот со промените, н.з.).

Две работи градоначалникот пропуштил во брзањето: прво, да го раскине валидниот договор со ФК „Кожуф“ со Општина Гевгелија (од 20.2.2008 г.) и, второ, да побара согласност од Советот на општината за новосклучениот договор со ФК „Миравци“, како што најави на седницата во јули. Од многу брзање да се сработи нешто, се размрсија клопчињата, па миравчани почнаа да настапуват под името „Кожув“, а гевгелиските „Фантоми“ најавија спас на својот фудбалски миленик.

А.Д.

Би можело да ве интересира

ЦУК: Спасен е човекот кој беше завеан и кој одбиваше помош за да не ги остави своите кучиња

Орце Костов

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Украина

Ана Ололовска

Кадетите на Вардар го освоија Купот на Македонија

Ана Ололовска

В четврток стартуваат квалификациите за ЕУРО2024

Ана Ололовска

Чурлинов: Можеме да направиме голема работа во квалификациите за ЕУРО2024

Ана Ололовска

Дејан Илиев нов голман на фински ХЈК

Ана Ололовска