Македонскиот капитен Горан Пандев потврди дека утре против Холандија ќе го одигра својот последен меч за македонската репрезентација, заминувајќи како најдобриот на сите времиња. Пандев, кој има 37 години и уште е неизвесно дали ќе ја продолжи кариерата во Џенова, си заминува од репрезентацијата со рекордни 121 настапи и 38 постигнати голови.
„Мечот со Холандија ќе биде мојот последен во дресот на репрезентацијата. Остваривме нешто што не знаеме кога ќе се повтори и ова е вистински момент да се простам од репрезентацијата. Оваа генерација фудбалери може да ни донесе многу радости и во иднина и верувам во пласман на Светско првенство“, рече Пандев.
Тој кажа дека е среќен што заминува по големо натпреварување како што е „ЕУРО 2020“.
„Среќен сум што заминувам на големо натпреварување и не може да биде поголемо од меч против Холандија на ‘Јохан Кројф арената’. Сакам да завршам дома во Скопје пред навивачите, но ова е дефинитивно крај и најверојатно ќе ставам крај на клупскиот фудбал. Утре треба да бидеме храбри, да играме отворено како во второто полувреме против Украинците. Холандија е многу моќна, но можеме да ги изненадиме“, изјави Пандев на прес-конференција во Амстердам.