Одбојкарската двојка Беренс/Гленцке од Германија триумфираше на седмиот по ред меѓународен турнир во одбојка на песок „2016 CEV BEACH VOLLEYBALL WOMEN SATELLITE SKOPJE“ во женска конкуренција, што од 1 до 4 септември се играше на терените на Градската плажа „Парк“. Второто место на овој турнир го освои одбојкарската двојка Штраус/Штраус од Австрија, а на третото место се пласираа одбојкарките Синисало/Ахтиаинен од Финска.
Вчеравечер по одигрувањето на финалниот меч, на најдобрите одбојкарски двојки на овој турнир им беа доделени медалите и паричните награди.
– Во име на Градот Скопје упатувам искрени честитки до сите учеснички во овој 7-ми по ред сателит турнир во одбојка на песок. Овој атрактивен спортски настан со своето присуство го збогатија 26 одбојкарски двојки од Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Косово, Холандија, Романија, Србија, Турција, Украина и од Македонија. Уверен сум дека Ваша мотивација не беше само високиот награден фонд, туку и одличната организација на овој турнир и нашето гостопримство. Очекувам следната година овој турнир да биде уште помасовен – рече заменик-градоначалникот на Град Скопје, Борче Георгиевски, кој ги додели медалите за освоено прво место на турнирот „2016 CEV BEACH VOLLEYBALL WOMEN SATELLITE SKOPJE“.
Наградниот фонд на турнирот изнесува 8.000 евра.
Градот Скопје финансиски ја поддржа организацијата на ова спортско случување со 1.000.000 денари и со логистичка поддршка од градските јавни претпријатија. Технички организатор и реализатор на турнирот е Одбојкарската федерација на Македонија.