Германскиот фудбалер Ленар Ти ќе ги пропушти тренинзите оваа недела со холандскиот клуб ВВВ Венло со цел да му помогне на пациент болен од леукемија.
Како што соопшти холандскиот клуб, Ти барал слободни денови за да дарува крв од која лекарите би произвеле матични клетки кои потоа би му се трансплантирале на болниот.
Фудбалерот минатата недела дознал дека неговата ДНК се поклопува со одреден пациент. Ти (26) пред седум години прифатил анализа на ДНК за да види дали може некому да му помогне во иднина.
– Можноста за поклопување на ДНК е многу мала, па затоа оваа ситуација е исклучително посебна, потенцираат од клубот.
Ти, кој игра за Венло на позајмица од Вердер од Бремен, ќе го пропушти натпреварот од холандското првенство против ПСВ Ајндховен.