Вардар го победи Мешков Брест со убедливи 31:23 во дербито на 3. коло од регионалната ракометна СЕХА лига. „Црвено-црните” дури и полесно од очекувањата го запишаа третиот триумф во новата сезона и со максимален ефект останаа на врвот на табелата.
Одбраната на Вардар вечерва во СЦ „Јане Сандански“ беше клучот на успехот и во моменти кога ривалот се обидуваше да добие предност со играч повеќе во поле. Вардарци ја имаа контролата на резултатот во текот на целиот дуел, а гостите од Белорусија само во еден момент успеаја да се доближат на еден гол разлика (14:13). Тоа беше во самиот финиш на првото полувреме.
Следуваше тајм-аут на тренерот Раул Гонзлаес по што Вардар ја врати предноста од повеќе голови и на полувреме отиде со 17:13.
За 16 минути во второто полувреме Вардар постигна 9, а прими четири гола зголемувајќи го водството на 26:19. За пет минути тренерот на Мешков двапати бараше тајам аут, но ништо не можеше да смени. Вардар одлично играше во одбрана и ја казнуваше секоја шанса што се укажуваше. За добрата одбрана придонесе и Арпад Штербик кој имаше девет успешни одбрани вклучувајќи и седмерец, сите во вториот дел од средбата.
На крај може да се заклучи дека македонскиот и европски шампион имаше одлична проверка пред гостувањето кај Висла Плоцк во рамките од првото коло на Лигата на шампионите на 17 септмеври.