Евгениј Поп Aцев од пливачкиот клуб „Студент“ во машка конкуренција и Елена Атанасова во женска конкуренција од „Вардар“ ги освоија првите места на десеткилометарскиот маратон што денеска се одржа на езерото „Младост“ во Велес.
Велешкото езеро „Младост“ беше домаќин на првите пливачки трки дел спортската манифестација „Македонски куп во далечинско пливање“ што ја организира Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“.
Првиот победник на 10 километри на овој куп и еден од најдобрите маратонци во Македонија Поп Ацев изјави дека е задоволен од организацијата на маратонот. Тој досега учествувал на педесетина маратони во Македонија и во странство и е добитник на повеќе награди. Втор во машка конкуренција на десет километри беше Александар Илиевски исто така од ПК „Студент“ од Скопје, а трет Илија Стојановски од ПК „Бета“.
Во женска конкуренција на десет километри втора беше Евита Насевска исто така од ПК „Бета“ од Скопје.
Во трката на пет километри победи пливачот Никола Василевски од „Орион“ од Скопје, втор беше неговиот клупски колега Михаил Трпчевски, а трет Марио Џуговски од ПК „Младост“ од Скопје. Кај жените на пет километри победи Ева Барамчева од ПК „Младост“ од Скопје, а втора беше Искра Стојановска од ПК „Бета“ од Скопје.
На 2,5 километри прв беше Давор Петрески од ПК „Орион“, втор Љупчо Домазетовски од ПК „Бета“ и трет Калач Вивит од истиот клуб.
Во женска конкуренција победи Марта Челиковска од ПК „Орион“, нејзината клупска колешка Јана Серафимовска беше втора, а трета беше Бојана Стефановска од ПК „Бамбини“ од Скопје.
На првите натпревари на купот учествуваа 37 пливачи, а се пријавија 49.
Пехарите на најдобрите им ги врачија заменик министерот за зравство Јовица Андовски и Петре Саздов, претставник на Општина Велес.
Петре Петрушевски еден од иницијаторите и порганизторите изјави дека ќе се стреми следните години маратонот да стане традиционален и подобро организиран, а репер му е Охридскиот маратон.
На 30 август трките ќе продолжат на акумулацијата Козјак, а спортската манифестација ќе заврши на 17 септември со трки на Дојранското езеро.
Со цел да се поттикне пливачкиот спорт во Македонија, годинава ќе се одржат уште две дополнителни трки на 2.500 метри за деца на 13 и 14 години и на 5.000 метри за младинци до 17 години.
Победниците на трките во генерален пласман, покрај пехари и медали, ќе добијат и парична награда што ја обезбедува „Јасен“.