Динамично загревање со професионален кондициски тренер, читање приказни на англиски јазик, решавање математички задачи низ игра и фудбалски вежби со професионален фудбалер беа интегрирани во двочасовната забавна и динамична дружба на второодделенците на наставникот Добри Јовевски од кривопаланечкото основно училиште „Илинден“.
Дечињата нестрпливо и внимателно ги восприемаа содржините кои им ги подготвија учителот и соработниците, во време на летен распуст со елементи на едукација и забава, спорт прилагоден на нивната возраст.
– Целта ми беше да ги поттикнам учениците покрај дружењето надвор од дома во тек на летниот распуст, да бидат ангажирани во спорт, што е исклучително важно за да бидат здрави и спремни за учење, но и да останат во добра кондиција и за усвојување нови знаења и содржини. Нашиот сограѓанин, професоионален фудбалер во втора италијанска лига, во клубот „Виченца“ на мое и на задоволство на дечињата ги воведе во основните фудбалски вештини дечињата токму во периодот кога се одржува Светско фудбалско првенство, а на радоста и немаше крај, истакна Јовевски.
Никола Јакимовски, професионален фудбалер во втора италијанска лига, во клубот „Виченца“, роден кривопаланчанец, кој потекнува од ФК „Осогово“, Крива Паланка, ја поздрави иницијативата дечињата да се дружат одблиску со него и „бубамарата“.
– Јас сум среќен што ги глeдам овие дечиња денес тука, јас сум почнал да тренирам на нивна возраст и им кажав дека слушајќи ги наставниците, родителите, работејќи упорно, посветено и не откажувајќи с епред предизвиците ќе станат успешни во животот, во спортот или во друга област, порача Јакимовски.
Волонтерот на Мировен корпус на САД во Крива Паланка, Кајл Бутчер работеше со децата динамично загревање, кондициски вежби за координација, брзина и издржливост, ги воведе во основите на американски фудбал, а им прочита и една приказна на англсики јазик, помагајќи им да усвојат и научат нови зборови на англиски, низ едукативна и поучна работа.