Дејановиќ: Најверојатно ќе останам без два прста, но македонското знаме се вееше на Анапурна 1

Од:

Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ пред 10-тина дена успеа да се искачи на еден од најтешките и најсурови светски врвови Анапурна 1 (8.091 метри надморска висина), а денеска во просториите на Агенцијата за млади и спорт беше одржана и прес-конференција на која самиот Дејановиќ го искажа своето видување за текот на искачувањето и симнувањето.

– Анапурна важи за еден од најсмртоносните врвови во светот. Воедно од 1950 година досега го искачиле 165 алпинисти според информациите кои ги добив во Непал. Од сите учесници во експедицијата јас имав најмало искуство (искачени два врва над 8.000 метри Монт Еверест и К2), останатите имаа по 5-6, па и 10 искачени врвови над 8.000 метри. Самото искачување на овој врв е исклучително тешко бидејќи теренот е опасен, а тоа што го видов таму беше многу потешко од очекуваното. Обично овие експедиции се прават во месеците април и мај, за да ибегнеме лавини ние се решивме да одиме во март. Врвот го искачивме на 24 март во исцрпувачки услови некаде по 15 часот што беше подоцна од планираното време. Тоа беа исцрпувачки услови затоа и јас го нареков „бермудски триаголник на Хималаите“. Покрај температурата од околу -35 степени имаше и ладен ветар што влијаеше на моторните функции кај алпинистите. Само двајца успеавме да извадиме камери и да снимаме. Јас го извадив и македонското знаме. Од смрзнатините добиени најверојатно ќе треба да ми бидат ампутирани два прста. Но, нема да жалам, изјави Дејановиќ.

Но, проблемите за експедицијата продолжиле на враќањето кон последниот камп (6.800 метри), поради темницата биле приморани да застанат бидејќи постоела опасност во ноќта да го загубат правецот. Ноќта ја минале на 7.400 метри на температура од -35 степени.

– Кислородот е многу низок, не ти фунцкионираат ниту мускулите ниту мозокот. Моравме да стоиме вертикално цела вечера врзани за јаже и да скокаме во место за да не смрзнеме. Ако една секунда ги затвориш очите може да заспиеш и тоа да биде крај за тебе, откако се раздени се упативме кон кампот и дури следниот ден кон базниот логор, рече Дејановиќ.

Претседателот на Македонската алпинистичка федерација Јовица Угриновски истакна дека успехот на Дејановиќ не е случаен (искачување на трите врва над 8.000 метри – Монт Еверест, К2 и Анапурна) и дека федерацијата се погрижила за техничкиот и спортски дел, а Агенцијата за млади и спорт дала логистичка помош.

– Подвигот што го направи Здравко Дејановиќ е само потврда дека спортот е најголем амбасадор на државата во светот. Агенцијата за млади и спорт ја помогна оваа ескпедиција со финансиска помош од 400.000 денари, истакна дирекорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Дејановиќ има планови и за понатамошна активност во алпинизмот, но најпрвин ќе треба да се опорави и да се одмори и на психички и на физички план. 

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС

А1он

За злоупотреби на ваучерите поднесено обвинение против дванаесетмина

МОК бара разрешување на Мојсоски и замрзнување на доделувањето спортски ваучери

Ана Ололовска

ВИДЕО: Премиерот Ковачевски му врачи стипендија на младиот пливач Марко Пејчиновски

Ана Ололовска

ВИДЕО: Преку ваучерскиот систем спортистите имаат сигурен партнер

Ана Ололовска

Крива Паланка ќе добие нова фитнес зона

Ана Ололовска