Актуелниот шампион на регионалната кошаркарска АБА лига, белградска Црвена Ѕвезда сепак во моментов е преголем залак за тимот на Карпош Соколи.
Во воведниот натпревар од 23.коло, црвено-белите попладнево гостуваа во СЦ „Борис Трајковски“, а натпреварот против Карпош Соколи белградскиот тим го доби убедливо со 98:61 по четвртини 24-23, 13-26, 12-21 и 12-28.
Во воведните пет минути „соколите“ имаа високи 10 поени предност (18-10), за сепак на крајот на првиот период заминаа само со еден поен водство (24-23). Во втората четвртина, гостите од Белград ја презедоа играта во свои раце, па на полувремето заминаа со предност од 12 поени (37-49).
Во второто полувреме црвено-белите рутинирано ја одржуваа и зголемуваа предноста, за на крајот таа да изнесува 37 поени разлика (98:61).
Кај победничката екипа најефикасен беше Лука Митровиќ со 15 поени, додека во редовите на Карпош Соколи, воедно и на натпреварот, најефикасен беше Драган Лабовиќ кој постигна 20, а забележителен настап имаше и Бојан Трајковски кој средбата ја заврши со 18 поени и 8 скокови.
За Карпош Соколи ова беше десетти пораз во 23. меч во регионалното натпреварување во кое Црвена Ѕвезда има само еден пораз.
Останатите натпревари од ова коло ќе се играат во периодот од 20 до 24 февруари. Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром (21 февруари) ќе и гостува на екипата на ФМП.