Раководството на кошаркарскиот клуб Цибона која е актуелен шампион во АБА лигата побара итен состанок со челниците на регионалното натпреварување, откако го доживеаја третиот последователен пораз сезонава.
Претседателот на хрватската екипа Александар Петровиќ незадоволен од судењето на синоќешниот дуел со Мега Визура излезе со тврдење за судиска неправда нанесена кон Цибона.
– Не смеам да го коментирам судењето, но можам да изјавам дека побаравме експертиза. Во петок или сабота ќе имаме состанок со раководството на АБА лигата на кој ќе ги изнесеме сите грешки кон нас, како и тенденциозните одлуки на судиите на наша штета. Сакаме да покажеме каков третман има Цибона, па тие нека се изјаснат што мислат. На три натпревари ни се досудени веќе седум технички грешки, а неверојатно на средбата со Мега во второто полувреме домаќините изведоа 20, а ние само три слободни фрлања, потенцира Петровиќ.
Токму бројот на слободните фрлања на синоќешниот натпревар беа уште една од причините „цибоси“ да побараат експертиза. На целиот натпревар Мега Визура изведе 38 наспроти 16 слободни фрлања досудени за загрепчаните.