Фудбалерот на Барселона, Чави Хернандез се опорави од повредата на бутниот мускул и би можел да заигра на реванш средбата против Милан во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Помошниот тренер на „каталонците“, Жорди Роура потврди дека Чави вчера тренирал со екипата, но сепак не е 100% подготвен, но би можел да му помогне на својот тим во овој многу битен меч.
„Чави се придружи на екипата и во наредните неколку дена ќе видиме како се чувствува и дали е во состојба да игра“- изјави Роура.
Еден од најдобрите играчи на планетава се повреди минатиот месец против Валенсија и по краткото опоравување одигра неколку натпревари, меѓу кој е и оној со Милан на 20 февруари кога Барса загуби на „Сан Сиро“ со 2:0.
Меѓутоа Чави ја обнови повредата поради што го пропушти натпреварот со Реал Мадрид во првенството минатата сабота.
Реваншот меѓу Барселона и Милан од осминафиналето во Лигата на шампионите се игра на „Камп Ноу“ во вторник од 20:45 часот.