Баерн Минхен го елиминира Јувентус и се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите, а од начинот на кој што го направи тоа импресиониран беше голманот на италијанската екипа Џанлуиџи Буфон.
– Не може да се каже дали на реваншот или на првиот дуел во Минхен беа подобри, но за едно сум сигурен. Се работи за тим кој има најголеми шанси да го освои големиот пехар во елитното натпреварување. Нивната игра е супериорна. Тие се подготвени на завидно ниво и не случајно влегоа во големата четворка, истакна Буфон по синоќешниот пораз од Баерн.
Идентично како и на првиот дуел, Баерн со 2:0 го победи Јувентус на негов терен и им се приклучи на Реал, Барселона и Борусија Дортмунд во полуфиналето од Лигата на шампионите.
Синоќа на „Јувентус Арена“ головите за гостите ги постигнаа Марио Манџикиќ во 64.минута и Клаудио Пизаро во 90+1 минута.
Извлекувањето на двојките за полуфиналето ќе се изврши утре.