Македонскиот пливач Марко Блажевски за шест стотинки не успеа да исполни Б-норма во дисциплината 200 метри мешано. Тој претпладнево во квалификациите на ФИНА Светскиот куп во Москва трката ја исплива за 2:04.45 минути, додека Б-нормата изнесува 2:04.39. Блажевски се пласира на 11.место во конкуренција на 17 пливачи. Најдобро време имаше Германецот Филип Хајнц – 1:59.19 минута.
Блажевски пливаше и на 200 метри слободно каде го освои 22.место во конкуренција на 30 пливачи. Тој постигна време 1:53.36 минута, додека најдобар резултат во оваа дисциплина постигна Лорис Бурели од Франција – 1:48.42 минута.
Анастасија Богдановски денеска се појави на стартот во дисциплината 100 метри слободно и постигна време 56.92 секунди што беше за осум десетинки послабо време од нејзиниот и македонски рекорд поставен на Светското првенство во Казањ пред неколку дена. Таа се пласира на 13.место во конкуренција на 28 пливачки, а најдобар резултат имаше Унгарката Катинка Хосу – 55.18 секунди.