Македонскиот пливач Марко Блажевски претпладнево во квалификациите на 200 метри слободно на Светското првенство во Барселона, исплива најдобар личен резултат.
Тој патеката ја помина со време од 1:54.26 минута и за 42 стотинки го подобри својот досегашен рекорд поставен на Медитеранските игри во Мерсин годинава.
Македонскиот рекорд во оваа дисциплина е 1:52.74 минута.
Блажевски со постигнатото време се пласира на 51.место од вкупно 69 натпреварувачи.
Вториот македонски пливач кој настапи денеска беше Горазд Чепишевски.
Тој на 100 метри грбно исплива за 1:00.11 минута и постигна 43 време во конкуренција на 53 натпреварувачи. Чепишевски имаше подобро време од пријавеното, но за 14 стотинки беше послаб од македонскиот рекорд (59.97) што е во негова сопственост.