Барселона и Јувентус, вечерва на „Олимпискиот стадион“ во Берлин ќе се борат за најпрестижниот трофеј во клупскиот фудбал, трофејот во Лигата на шампионите. Во Берлин Барса ќе се обиде да ја освои својата петта, а Јувентус трета европска круна.
Двете екипи имаат извонредна сезона зад себе, откако во своите првенства ги освоија двојните титули.
Фудбалскиот свет е согласен дека Барселона ја има улогата на фаворит, но дека во финалето е сѐ можно бидејќи противник е најдобриот италијански тим Јувентус.
Традицијата вели дека Барселона има освоено четири европски титули, од кои три во последните девет години, додека Јувентус седум пати играл во завршниот меч, а два пати ја освојувал титулата.
Интересно тројца од тимот на Јувентус (Буфон, Пирло, Барзаљи) беа дел од италијанската репрезентација која во 2006 година токму во Берлин ја освои титулата светски првак.
Мечот ќе има посебно значење за легендата на Барселона Чави, бидејќи тоа ќе биде неговиот последен натпревар во дресот на каталонскиот гигант.
„Финалните мечеви секогаш се отворени, шансите се подеднакви. Јувентус е шампион на Италија, квалитетот го докажа со елиминацијата на Реал во полуфиналето. Очекувам тежок и неизвесен меч, но верувам дека мојот тим може да победи“, порачал тренерот на Барселона Луис Енрике.
За разлика од Енрике, неговиот колега од спортивната страна Масимилијано Алегри фаворитската улога им ја препушта на Каталонците.
„Јасно е дека Барселоона е фаворит, истата улога ќе ја имаше и против било која друга екипа. Ќе се обидеме да им парираме, да ја најдеме нивната слаба точка. Мислам дека тоа не е невозможно“, порачал Алегри.
Барселона ќе биде комплетна, на повреда се жали само Иниеста, но тој ќе биде подготвен за настап во финалето, додека Јувентус ќе биде без столбот на одбраната Џорџо Кјелини кој се повреди на тренингот одржан во средата.
Одлуката кој ќе го наследи Реал на европскиот трон ќе падне в сабота во Берлин, мечот ќе започне во 20:45 часот.