Екипите на Баерн Минхен и на Пари Сен Жермен се пласираа во четвртфиналната фаза од фудбалската Лига на шампиони, откако синоќа беа поуспешни од своите ривали во осминафиналето.
Баерн на свој терен со 7:0 го совлада украинскиот шампион Шахтјор Доњецк и по нерешените 0:0 во Украина тоа е вкупниот резултат на овој двомеч кој убедливо го добија Баварците.
Головите за Баерн ги постигнаа Томас Милер (4. и 51.минута), Џереми Боатенг (34), Франк Рибери (49), Холгер Бадштубер (63), Роберт Левандовски (75) и Марио Геце (87).
Многу по неизвесно беше во Лондон каде ПСЖ иако од 30.минута играше без исклучениот Златан Ибрахимовиќ успеа да го елиминира Челзи по продолжение играјќи нерешено 2:2. Основните 90 минута завршија 1:1 исто како на првиот дуел во Париз.
Гери Кејхил му донесе водство на Челзи во 81.минута, а мечот во продолженија го одведе Давид Луиз со изедначувачкиот погодок пет минути подоцна.
Во дополнителните 30 минути Челзи повторно прв даде гол преку Еден Азар од пенал (96.минута), а пласман на гостите им донесе Тиаго Силва со голот во 114.минута и со тоа се „извади“ за непотребно направениот пенал.
Во вторникот пласман меѓу осумте најдобри во елитното натпреварување обезбедија Реал Мадрид и Порто.
На 17 март ќе играат: Монако – Арсенал (3:1) и Атлетико Мадрид – Баер Леверкузен (0:1), а на 18 март двојките се: Барселона – Манчестер Сити (2:1) и Борусија Дортмунд – Јувентус (1:2).