Екипите на Баерн Минхен и на Порто имаат предност по првите натпревари од осминафиналната фаза во Лигата на шампионите против Арсенал, односно Малага.
Баерн како гостин на „Емирати“ во Лондон со 3:1 го совлада Арсенал и направи голем исчекор кон четвртфиналето. Головите за „баварците“ ги постигнаа Тони Крос, Томас Милер и Марио Манџукиќ, додека единствениот гол за Арсенал беше дело на Лукас Подолски.
На втората синоќешна средба, домаќинот Порто беше подобар противник од Малага, а победата ја оствари со голот на Жоао Мутињо во 56.минута.
Реваншите се закажани за 13 март.
Вечерва ќе биде комплетирана првата половина од осминафиналната фаза со натпреварите Милан – Барселона и Галатасарај – Шалке.