Тренерот на Реал Мадрид Карло Анчелоти пред вечерашниот реванш-полуфинален дуел со Баерн им порача на своите фудбалери да не се плашат.
– На натпреварот треба да влеземе смирени. На верувам дека ќе се направат било какви крупни промени во двата тима, во однос на првата средба. Можеби ќе има само мали корекции, но тоа не е страшно. Многу е битен психолошкиот момент, изјави Анчелоти.
Тој се осврна и на коментарите за дефанзивната игра која ја практикуваат многу италијански тимови и можноста таквата игра вечерва да биде пресликана од Реал Мадрид.
– Кога е потребно не е лошо да се игра „катанаџо“. Јас сум Италијанец и многу пати со таква игра сум стигнувал до целта. Иако мнозинството љубители на фудбалот не го сакаат тој стил, сепак кога дава резултати и кога е потребно треба да се практикува, рече предводникот на шпанскиот клуб.
Реал Мадрид на првиот натпревар победи со 1:0, иако Баерн Минхен имаше двојно поголем посед на топката.
Почетокот на натпреварот на „Алијанц Арена“ во Минхен е во 20 часот и 45 минути.
Во второто полуфинале од Лигата на шампионите утревечер играат Челзи – Атлетико Мадрид (0:0 прв натпревар).