Поради жестоките обвинувања од страна на претседателот на Карпош Соколи, Огнен Дедиќ, регионалната кошаркарска АБА лига го казни македонскиот клуб со 12 илјади евра.
Раководството на АБА ја разгледува и опцијата за повеќегодишна забрана за учество на „Соколите“ во натпреварувањата под закрила на АБА лигата. Тука веројатно се мисли и на Втората АБА лига.
Дедиќ неодамна изрече низа обвинувања до раководството на АБА кое не му дозволи на Карпош Соколи да се натпреварува и следната сезона и покрај обезбедениот опстанок, туку му испрати покана за учество во Втората АБА лига, потег што Дедиќ го оцени како понижувачки.
Интересно е тоа како АБА мисли да ја наплати казната од Карпош Соколи кога клубот веќе не е член на регионалното натпреварување.