Јубилејното, десетто, издание на спортско-рекреативната манифестација Рели „Калин Камен 2018“ која се одржува во Крива Паланка по повод денот на словенските просветители ќе се одржи на 24 мај, а пријавувањето е до 20 мај.
Организатори на релито се локалната самоуправа на општина Крива Паланка и Здружението на граѓани Авто мото клуб „Офф Роад Осогово“.
Манифестацијата има ревијален карактер и се одржува под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини“. Должината на патеката е 74 километри, 80 отсто од патеката е неасфалтиран пат, висинската разлика е 1.500 метри со највисока точка Царев Врв на 2.085 метри надморска височина.
Организаторите ги поканија сите заинтересирани учесници да се пријават и да ја искористат несекојдневната можност да уживаат во убавините на Осоговскиет Планини.
Патеката започнува на плоштадот во Крива Паланка, поминува низ прекрасните предели на Осоговските Планини, завршува во манастирот Св.Јоаким Осоговски, а на Царев Врв е договорена средба со рели учесниците од соседните општини – Македонска Каменица и Кочани.
Рели „Калин Камен“ има за цел да ги промовира културно-историското и природното наследство на регионот.
Од општината нагласија за комплетна и навремена организација на настанот учеството да биде пријавено најдоцна до 20 мај 2018 година.