Брисел одлучи да му препорача на Советот на ЕУ да предложи отворање преговори со Србија „во текот на следното претседавање“, ако продолжи со напредокот.
Шефот на шведската дипломатија Карл Билт на новинарите по состанокот во Брисел кој траеше речеси пет часа, рече дека кога е во прашање Србија во заклучоците се спомнува „временска рамка“, поврзана со одредување датум за почеток на преговори со ЕУ.
На прашањето дали се мисли на јуни следната година и дали е познат конкретен датум, тој рече дека „не се работи за датум туку за временски период“.
Билт истакна дека за натамошниот напредок ќе се расправа на следните состаноци на Европскиот совет.
Европскиот комесар Штефан Филе на својот Твитер профил напиша дека на состанокот во Брисел е одлучено дека почетокот на преговорите со Србија, доколку продолжи со напредокот, е можен во првата половина на следната година.
„Јасен е планот за Србија, ако продолжи со напредокот, отворањето на преговори за пристапување во ЕУ можно е во текот на следното претесдателство на ЕУ“, напиша Филе.
Следното претседателствo со ЕУ, од јануари до јули и е доверено на Ирска.
Франција силно се заложи Србија да биде наградена, а на тоа инсистираше и Шпанија, Австрија и Кипар.
Единствено против беше Германија, која бара уште резултати односно повлекување на српските структури од северот на Косово.
Шпанија пак и уште четири членки на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, бараа од заклучоците да се отстрани се што би можело да укажува на прифаќање на државноста односно признавање на независноста на Косово.