Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, денеска во Хаг ќе ја дознае пресудата во процесот за воени злосторства и злосторства против човештвото, заедно со уште тројца поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Тачи е обвинет за повеќе точки, меѓу кои убиства, мачење и прогон, заедно со Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.
Обвинителите пред Специјализираните совети на Косово побарале максимална казна од 45 години затвор за сите четворица, додека обвинетите ги отфрлиле наводите на обвинителството.
Во пресрет на изрекувањето на пресудата, илјадници луѓе во текот на викендот се собраа во Приштина за да им дадат поддршка на обвинетите. Централниот градски плоштад бил исполнет со демонстранти со црно-црвени албански знамиња, а низ градот биле поставени портрети на четворицата поранешни припадници на ОВК и голем дигитален часовник кој одбројува до објавувањето на пресудата.
Тачи во февруари, на крајот од речиси тригодишното судење, пред судиите изјави:
„Во текот на целиот живот бев со народот на Косово, бранејќи ги слободата, животот и достоинството. Секогаш се водев од западните идеали на демократијата, еднаквоста и правдата.“
Според наводите на обвинителите, обвинетите за време на нивното дејствување во ОВК биле насочени кон политички противници и цивили кои ги сметале за соработници и предавници.
Судот во Хаг, кој е поддржан од Европската Унија, главно вработува меѓународен персонал поради стравувањата за безбедноста на сведоците. Двајца челници на здружението на воени ветерани на Косово во 2022 година биле осудени за заплашување сведоци, откако објавиле доверливи документи.
Тачи се соочува и со одделно судење за заплашување сведоци, кое треба да започне подоцна овој месец. По војната тој политички напредуваше до функцијата претседател на Косово, но поднесе оставка за да се брани пред судот во Хаг.
Косово во 2008 година прогласи независност од Србија, која Белград и натаму не ја признава. Односите меѓу двете страни остануваат затегнати и покрај повеќегодишните преговори со посредство на Европската Унија и поддршка од Соединетите Американски Држави.
