65-годишен маж е уапсен откако неговиот 27-годишен син и едно доенче – неговата внука – биле пронајдени мртви во куќа во селото Демирај, во близина на Гњилане. Случајот е квалификуван како тешко убиство, а на осомничениот му е одреден притвор во траење до 48 часа.
Како што за порталот „Lajmi.net“ потврди Исмет Хашани, портпарол на полицијата за регионот на Гњилане, уапсениот е татко на 27-годишникот чие тело било пронајдено во куќата.
Според него, првичните истражни дејствија укажуваат на тоа дека злосторството се случило во рамките на семејството.
По налог на државниот обвинител, на осомничениот му е одреден притвор во траење до 48 часа.
– На 1 ноември, во 8:47 часот наутро, полицијата доби пријава дека во куќа во селото Демирај се пронајдени две безживотни тела. На местото на настанот веднаш пристигнаа полициски единици, државниот обвинител и екипа на итната медицинска помош; медицинскиот персонал ја констатираше смртта на двете лица. Телата се испратени на Институтот за судска медицина за обдукција, додека истрагата – која се спроведува во координација со Државното обвинителство – продолжува со цел да се утврдат сите околности поврзани со случајот, извести полицијата.
