Стигнува милионски бран на бегалци, а Хрватска воопшто не е подготвена!

Од:

Слободна Далмација – Сплит

Последните денови потресни слики стигнуваат од Гевгелија, каде очајни мигранти се обидуваат да обезбедат место во претоварени возови за Србија.

На прозорецот на вагон снимено е преплашено дете додека ја довикува мајка си, која не успеала да се качи на возот. Додека сите се туркаат кон возот, избезуменото дете се обидуваше да излезе од него, па патниците го извлекоа од прозорецот.

Друго дете сакаше да види кога доаѓа воз, па се качи на столб, каде го стресе струја. Дописниците известуваат за гужвите, заканите со ножеви и мотики и тепањето на несреќните луѓе, кои се обидуваат да обезбедат место во воз за Србија. За новинар на Танјуг мигрантите рекле дека морале да се качат на возот бидејќи во Македонија добиле документи за легален престој во траење од 72 часа.

Се поголем број мигранти се одлучуваат да тргнат по балканската рута, преку Македонија и Косово влегуваат во Србија, каде полека ги освојуваат парковите и сонуваат да го продолжат патот до ветените земји на ЕУ.

Каде да се сместат?

Градоначалникот на Белград Синиша Мали вели дека градот активно е вклучен во пружање на помош на мигрантите и прави се што може да им го олесни престојот. Медиумите известуваат за разни акции, па така Здружението Да ги спасиме бебињата, ги повика граѓаните да донираат најпотребни работи за малите за да помогнат на мигрантите во паркот кај Автобуската станица во Белград. Ги повикуваа граѓаните да донесат пелени, влажни марамчиња, кашички, облека и играчки.

Во нивното соопштение пишува дека децата на мигрантите ќе ги прегледаат педијатри на тамошниот Здравствен дом.

Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека од 1 јануари оваа година преку Србија поминале 90.000 мигранти, а полицијата во целост може да ја контролира безбедноста на територијата. Во Србија дневно влегуваат до 2000 луѓе, а најголем број од нив веднаш ја напуштаат земјата.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сзијарто вели дека неговата земја не може повеќе да чека Европската унија да најде решение за големиот број мигранти кои влегуваат преку Србија, па градат ограда долга 175 километри на границата. Според податоците на унгарската влада, само во оваа година во нивната земја влегле над 54.000 мигранти, додека во текот на цела 2014 година забележани се 43.000 влезени мигранти. Околу 70 отсто мигранти во Унгарија стигнуваат од Сирија, Авганистан и Ирак.

Може ли да се очекува слична река мигранти и кон Хрватска кога Унгарија ќе ја заврши својата заштитна ограда на границата со Србија?

Можен е наплив од мигранти и во Хрватска бидејќи тие ќе најдат пат по кој ќе дојдат до Европа. Значи, едно од можните движења е и кон Хрватска, со тоа што сите држави, знаејќи за оваа криза, требаше да работат на зголемување на капацитетите за прием на тие луѓе. За жал, во Хрватска нема капацитети за прифаќање на тие луѓе.

Ако мигрантите тргнат кон Хрватска, веројатно ќе бидат сместени по различни згради, за што државата треба да води сметка. Најлошо би било ако тие луѓе се остават да скитаат по парковите бидејќи тоа е опасно и за нив, но и за хрватското население – истакна Ловорка Мариновиќ, меѓународен консултант за миграции, која додава: – Мигрантите го продолжуваат својот пат бидејќи сакаат да дојдат до земјите во кои имаат контакт со лица од своите држави, а живеат на пример во Германија или Норвешка. Но, ако стигнат во Хрватска, сметаат дека ќе им биде полесно да дојдат до државите во кои имаат намера да патуваат. Сега одеа кон Унгарија бидејќи потоа немаше контроли. Хрватска не е во Шенген па се уште постои контрола на влезот во Словенија и Австрија. Тоа на мигрантите сега им е многу поризично.

ЕУ не ги сака

Медиумите во Србија јавуваат дека од есен се очекува уште еден голем бран на бегалци. Тој бран ќе биде многу поголем од сегашниот, откри за Блиц извор од безбедносните служби. Тогаш се очекува доаѓање на најсиромашните жители на земјите во кои беснее војна со ИСИС.

Според проценките на тамошните политичари, на границата на Турција има околу три милиони нови мигранти кои чекаат да тргнат во ЕУ преку Грција, Македонија и Србија.

Европскиот комесар за миграции Димитрис Аврамопулос рече дека светот се соочува со најлошата бегалска криза од Втората светска војна. Дали ЕУ навистина може да очекува бран од повеќе милиони мигранти?

Тоа е многу тешко да се предвиди. Не се знае ни дали ЕУ ќе помогне на Србија, бидејќи и треба помош. Србија не може сама да поднесе таков прилив на мигранти. Веројатно ЕУ ќе реагира, бидејќи колку повеќе мигранти ќе останат во Србија, помалку ќе влезат во Унијата. Имено, тоа е логиката на ЕУ – коментираше нашата соговорничка.

Таа предупредува дека ЕУ многу бавно ги донесува тие одлуки и директиви.

– И Хрватска се уште не донела стратешки план и програма за да повлече средства од Европската унија за мигрантите. Словенија на пример, тоа го направи и ќе ги повлече тие средства, а ние уште чекаме бидејќи плановите не се готови – дознавме од Ловорка Мариновиќ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Тепачка во трамвај во Загреб, се пресметаа двајца постари мажи

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски