Српска Влада: Отворениот Балкан ќе придонесе за подобра економска соработка на Србија, Албанија и Македонија

Од:

На крајот на состанокот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, кој се одржа во Ниш од 12 до 14 ноември, а на кој присуствуваа министрите за финансии, земјоделство, труд и вработување на владите на Република Србија, Република Албанија и Република Северна Македонија, потпишани се два заклучоци од работните средби, со кои се дефинирани сите активности што треба да се спроведат до самитот во Тирана на крајот на декември, а кои ќе придонесат за олеснување на трговијата, соработката во областа на безбедноста на храната, фитосанитарна и ветеринарна инспекција, како и слободниот пристап до пазарот на трудот за граѓаните од трите земји, сопштија од српската Влада.

Според соопштението, како што јави допсиникот на МИА од Белград, првиот Заклучок го потпишаа министерот за финансии во Владата на Србија Синиша Мали, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Бранислав Недимовиќ, министерката за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ, потоа министерот за финансии и економија во Владата на Албанија Делина Ибрахимај, министерката за земјоделство и рурален развој на Албанија, Фрида Крифка, и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Северна Македонија Трајан Димковски. На потпишувањето присуствуваа и претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж, кој беше домаќин на собирот, како и претседателката на Сојузот на стопански и индустриски комори во Албанија Инес Мучостепа и претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, Анета Димовска и Нена Николовска.

Со овој документ се предвидува до крајот на годинава интензивно да се работи на воспоставување систем за електронска размена на сите потребни документи, царински декларации, фитосанитарни и ветеринарни сертификати, како и на подобрување на постоечките системи. Спроведувањето на оваа мерка значително ќе придонесе за помало задржување на камионите на границите. Договорено е и до крајот на годината сите три земји да воведат систем каде сите гранични служби, вклучително и фитосанитарната инспекција, ќе работат 24/7.

Заклучено е и дека сите три страни до крајот на 2021 година ќе потпишат и валидираат договори за признавање на статусот на овластени економски субјекти, што во голема мера ќе го олесни преминувањето на границата за некои компании и ќе донесе други придобивки. Договорено е и дека ќе се работи на намалување на сите такси што се плаќаат при преминување на граничните премини, а за стоки со потекло од земјите-членки.

Кога станува збор за интегрираното гранично управување, т.н „One stop-shop“, Србија и Северна Македонија до крајот на годината ќе ги решат сите постојни недостатоци за да истото биде целосно функционално, а Северна Македонија и Албанија ќе продолжат да работат на формирањето на „One stop-shop“ меѓу нивните земји,

Заклучокот од работните средби предвидува формирање заедничка работна група до крајот на ноември, која ќе се занимава со усогласување на даночната политика на нашите три земји, соопштија од срспката влада.

Во делот на заклучокот поврзан со соработката во областа на храната, фитосанитарната и ветеринарната инспекција, договорено е да се усогласи листата на растенија и растителните производи за кои е потребна фитосанитарна инспекција и издавање на фитосертификати, потоа размена на карантински листи со статус и размена на програмата за надзор над штетните организми, натамошна размена на сите мониторинзи и планови на службената контрола од областа на храната од растително, животинско и мешано потекло, препознавање и прифаќање на лабораториски анализи, преглед надвор од граничните премини, односно во најблиските царински испостави за растенија за кои е потребна фитосанитарна инспекција, унифицирање на листата на болести на животните, како и список на одобрени капацитети за храна од животинско потекло и добиточна храна, што подразбира размена на нотификација на објекти без контрола на терен, само со размена на планот за мониторинг .

Вториот заклучок го потпишаа министерката за трговија, туризам и телекомуникации во Владата на Србија Татјана Матиќ, министерката за труд, вработување, ветерани и социјала Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, министерката за финансии и економија во Владата на Албанија Делина Ибрахимај. и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Северна Македонија Трајан Димковски.

Со овој заклучок се предвидува потпишување на договор со кој ќе се овозможи слободен пристап до пазарот на труд на граѓаните на нашите три земји. Тие ќе можат слободно да престојуваат и работат на територијата на Србија, Албанија и Северна Македонија.

Во Тирана, Албанија, на крајот на декември ќе се одржи самит на кој ќе се разговара за тоа што е во меѓувреме направено и кои се следните планови за искористување на целосниот потенцијал на оваа иницијатива, соопштија од српската Влада.

Регоналната иницијатива „Отворен Балкан“ ја покренаа претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

Би можело да ве интересира

Земјотрес во Србија

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари

Во Панчево нападнати четворица Хрвати и двајца Срби кои ги бранеле

Катерина Ѓуровски

Османи: На седница на Владата ќе предложам излегување од иницијативата Отворен Балкан