Албанските социјалисти собраа потписи од 50 пратеници, колку што се доволни во Парламентот да почне иницијатива за отповикување на шефот на државата, Илир Мета.
Она што може да се забележи во документот е тоа што меѓу потписниците не се наоѓа Еди Рама, кој уште за време на изборната кампањата изјави дека е за негова смена.
Во образложението за смена на актуелниот претседател, меѓу повеќето прекршувања на неговите уставни надлежности, се споменува и обвинувањето адресирано до американската амбасадорка Јури Ким, на која Мета и порача да не се меша во внатрешните работи на Албанија.
Според најавата од парламентарната група на социјалистите, тие предлогот веќе го доставиле до Парламентот и очекуваат тој да се најде на утрешната пленарна седница.
Мета, пак, истакна дека изборниот процес целосно не е завршен и оти треба да продолжи администрирањето на секој приговор и пребројувањето на секое гласачко ливче.
Обидот на социјалистите за негова смена тој го нарече „каписла“ и порача да се спроведе истрага за изборниот криминал.
Ова е втор обид на социјалистите за смена на претседателот, кога беше формирана анкетна комисија на почетокот на 2019 година, кога иницијативата ја поддржаа 101 пратеник. Но по добиениот одговор од Венецијанската комисија во октомври истата година постапката беше прекината.