Поради големите снежни врнежи во поголемиот дел од Хрватска патниот и железничкиот сообраќај се одвива отежнато, а затворен и аеродромот во Загреб. Снег паѓа и во Словенија, во Босна и Херцеговина, во Србија, додека во Црна Гора циклонот „Чајо“ донесе обилни врнежи.
Поради снегот, на автопатот Загреб-Белград имаше застој во сообраќајот поради тоа што две товарни возила го заглавија отакако се излизгаа на патот.
До полицијата стигнале голем број повици на граѓани кои се наоѓале во возилата во колоната која настана поради блокада на автопатот, дека останале без гориво, храна и вода.
Снегот кој достигна висина од 40 сантиметри, што е најмногу од 1955. година ги блокира автопатите и трамвајските шини, а на некои места застоите се предизвикани од трамваите кои се расипаа или поради скинатите струјни жици.
Утеха е што врнежите од снег ја губат силата, но за наредните денови се најавуваат ниски температури што значи дека е сигурна појавата на голомразица.
Снег во текот на вчерашниот ден паѓаше и во цела Србија, пропратен со јак ветер и донесе големи проблеми во сообраќајот, а најтешка е состојбата во Војводина каде што е регистрирана првата жртва од смрзнување. Од различни подрачја од завеаните возила евакуирани се дваесетина луѓе, вклучувајќи и седум деца.
„На подрачјето на Кикинда седум деца со родителите се евакуирани и сместени на сигурно“, изјави началникот на секторот на МУП за вонредни ситуации Предаг Мариќ.
Според неговите зборови поради снежните наноси во општината Канјижа се евакуирани девет патници од нивните возила на правецот Ором-Суботица.
„Најтешка е состојбата и натаму на патот Клјајичево-Сивац во Бачка каде што повеќе од 100 возила се завеани“, рече тој и додава дека противпожарните и спасувачките екипи со механизација го пробиваат патот кон колоната автомобили за да им дадат помош на завеаните.
Снег паѓа и во Босна и Херцеговина, и во Словенија, додека циклонот „Чајо“ донесе обилни врнежи од дожд во Црна Гора но и снег во северните делови на земјата.
Поради атмосферските празнења многу села се без струја а одредени сообраќајници на северот на земјата се затворени за сообраќај на теретни возила.