Шведскиот министер за миграција и политика на азил, Тобиас Билстром побара повторно воведување на визи за граѓаните од земјите од Западен Балкан при патување во државите-членка на ЕУ.
Билстром веќе ги информирал своите колеги од членките на ЕУ дека се залага за повторно воведување на визен режим за „Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, бидејќи е неприфатливо илјадници лица од овие земји да бараат азил во Швеска“, наведува шведскиот весник „Сидсвенскан“.
– Тие ги невадуват сиромаштијата и неможноста за вработување како причини поради кои дошле. Тоа никогаш не било основа за одобрување азил, наведува шведскиот министер.
Билстром воедно најави и дека шведската Влада наскоро ќе ја заостри политиката кон азилантите, со цел таа да стане „поправедна и покоректна“. Меѓу новите мерки што се предлагаат е и онаа лицата кои бараат азил да мораат да најдат работа во Шведска, пред да можат во земјата да го доведат и своето семејство.
– Шведска троши огромно количество пари за лицата кои веќе добиле нагативни одговори на нивните барања за азил, но и натаму се наоѓаат во земјата, истакнува Билстром.
„Сидсвенскан“ наведува дека властите очекуваат оваа година азил во Шведска да побараат околу 54.000 лица, меѓу кои меѓу 15 и 20 илјади од Сирија. Според весникот, во моментов главен проблем за Шведска е тоа што нема доволно станбен простор за смесување на сите лица кои бараат азил.
Поради сето ова, Билстром смета дека и останатите земји од ЕУ би требало посериозно да го разгледаат проблемот со зголемениот прилив на бегалци од Сирија.