Се раѓа партијата на Трајан Басеску – Народно движење

Од:

„Се раѓа партијата на претседателот Трајан Басеску, а Демократско-либералната партија се распука“, пишуваат денеска романските весници по повод најавата дека фондацијата Народно движење денеска ќе ги поднесе неопходните документи за регистрација како партија.


Пратеникот Еуген Томак, кој минатиот петок поднесе оставка од опозициската Демократско-либерална партија (ДЛП), денеска во судот ги поднесе документите за формирање на партијата, сооштија романските медиуми.


Томак ќе биде привремен претседател на новата партија, до нејзиниот прв конгрес.


Весникот „Путерја“ забележува дека уште двајца парламентарци и 22 градоначалници од ДЛП се изјасниле дека преминуваат во новата партија.


На прес конференција Томак ја претстави раководната екипа на партијата, скратеницата што ќе ја употребува – РМР, нејзиниот симбол -јаболко, и боите на партијата – зелена и сина.


На прес конференцијата присуствуваа Маријан Преда, претседател на фондацијата Народно движење, Теодор Баконски (дипломат и поранешен министер за надворешни работи), Адријан Папахаџи (филолог и есеист, и поранешен советник на Баконски) и Кристијан Петреску (поранешен министер за регионален развој и туризам).


Томак изјави дека Народно движење се создава како партија по желба на народот, а првичнатаа политичка цел е постигнување добар резултат на изборите за Европскиот парламент, соопштија романските медиуми.


Томак подвлече дека партијата Народно движење е партнер на шефот на државата Трајан Басеску и ги поддржува неговите проекти, дополнува агенцијата Аџерпрес.


Томак ориентацијата на новата партија ја определи како „христијандемократска и либерална“.


-Сакаме да бидеме вистински десен глас на романските граѓани со десни убедувања. Сакаме да бидеме вистинска алтернатива на владеачкиот Социјал-либерален сојуз за сите чесни и коректни граѓани во државата, рече Томак на прес конференцијата.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Бизарна случка во Романија, мечка се појави на погреб

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Притвор за политичарот од Романија кој силувал малолетничка, дете на негова колешка

Романскиот претседател Клаус Јоханис ја објави својата кандидатура за шеф на НАТО

Земјотрес ја погоди Романија

Голем хакерски напад во Романија, над 100 здравствени установи останаа без интернет