Санадер призна дека заработил 2 милиона евра од бизнис и продажба на еротски фотографии

Од:

Некогаш највлијателниот хрватски политичар, Иво Санадер, денеска на суд се обиде да ги отфрли обвиненијата за присвојување на два милиона евра во предметот „Фими медиа“, тврдејќи дека за цели 13 години што ги минал живеејќи и работејќи во Австрија заработил приближно два милиона евра, соопшти агенцијата Хина.

Санадер го почна своето сведочење од 1976 година, кога како студент испраќал репортажи од олимписките игри во Инсбрук за весникот „Спортске новости“, а добивал хонорари и од австрискиот скијачки сојуз.

Според неговите тврдења, во Австрија тој го претставувал и фотографот Иво Перван, со кого хонорарите ги делеле на половина. Подоцна, како претставник на фирмата „Mеyеr press“ за источниот пазар, каде меѓу другото продавал и еротски фотографии, заработил меѓу 350 и 400.000 евра, и дури сериозно размислувал да ја откупи фирмата од семејството на сопственикот, кој починал кон крајот на 80-те години.

Освен тоа, во 1986 година тој во Австрија ја отворил фирмата „Wapagg“, што се занимавала со увоз-извоз. Фирмата имала петмина содружници, а Санадер бил претседател на управниот совет, за што добивал 14 плати годишно, или 175.000 евра за две години, плус 300.000 евра од заработката на фирмата.

Тој се занимавал и со изградба на неколку згради во Австрија и хотел во Анталија.

-Кога Фрањо Туѓман ме повика да дојдам во Хрватска, го продадов својот дял на еден од содружниците и од тоа, како и од проектот во Турција заработив уште 300.000 евра, рече Санадер во судот.

Паралелно со тоа тој имал и фирма, регистрирана на неговата домашна адреса, преку која заедно со својот дедо Иво Шариќ заработил 150.000 евра од проекти во областа на преработката на отпадоци, вода и алуминиум во Хрватска и Босна и Херцеговина.

Освен сите деловни подвизи, Санадер пет години работел за владата на Тирол и предавал веронаука во основно училиште. За тоа добивал 13 годишни плати од по околу 1.000 евра.

Во Хрватска против Санадер се покренати вкупно шест обвиненија за злоупотреби со службената положба и корупција, а за едно веќе е осуден на 10 години затвор.

Во предметот „Фими медиа“ тој и уште неколку високо позиционирани претставници на сега опозициската партија „Хрватска демократска заедница“ (ХДЗ) се обвинети дека со посредништво на приватната маркетинг агенција „Фими медиа“ од државни фирми и институции во периодот од 2003 до 2009 година прелеале околу 10 милиони евра.

Според обвинението, околу четири милиони евра завршиле во црната каса на ХДЗ, а околу два милиона евра присвоил Санадер.

 

Би можело да ве интересира

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари