Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак до властите во Приштина достави нов предлог од Брисел за решение на кризата на северот на Косово, во пресрет на 21 ноември, кога треба да почнат казните за граѓаните кои не ги замениле српските регистарски таблички со косовски, јави денеска Радио Слободна Европа (РСЕ).
Како што соопшти РСЕ, Лајчак на вчерашната средба во Брисел му го доставил предлогот на главниот косовски преговарач во дијалогот Бесник Бисљими.
-Иако нема многу детали за тоа што стои во најновиот предлог, не се исклучува можноста еден од можните елементи да биде одложување на примената на казните за одреден временски период, иако „не нужно за 10 месеци, наведе РСЕ, повикувајќи се на извори од Брисел.
Во случај Приштина да одговори потврдно на последниот предлог, се очекува специјалниот претставник на ЕУ веднаш да замине во Белград за да се официјализира согласност на страните за решение на кризата.
Лајчак пред два дена оцени дека сегашните тензии на релација Белград-Приштина се „најсериозната криза од 2013 година“ и предупреди дека решението мора да се постигне пред 21 ноември.
Извор: МИА