Реакции во српските медиуми по честитката на Каракачанов со карта на „Голема Бугарија“

Од:

Под наслов „Бугарите сакаат да окупираат делови на Србија: Вицепремиерот Каракачанов објави скандалозна мапа – полага право на Врање и Ниш“, српскиот весник „Новости“ известува за осмомартовската честитка на бугарскиот вицепремиер, во која картата е во позадина на напишаниот текст.

„Со скандалозната честитка за 8 Март, вицепремиерот на Бугарија Красимир Каракачанов предизвика гнев во регионот, и уште еднаш ги покажа иредентистичките тенденции на партијата на која и припаѓа, ВМРО-БНД. На позадината на честитката што ја објави во име на неговата партија ВМРО-БНД, покрај стилизираната фигура на жена со дете и зборовите „традиција, семејство, вредности“, јасно се гледа и мапата на Голема Бугарија“, посочува весникот, наведувајќи дека според таа мапа во рамки на Бугарија се цела Северна Македонија, делови од Грција и српски градови како Ниш и Врање.

„Новости“ уште истакнува дека Каракачанов е „добро познат по ваквите шовинистички испади“. Минатиот месец, тој Србите ги нарече „окупатори“ на Македонија и се побуни поради наводното јакнење на српското културно влијание во Северна Македонија, потсетува весникот.

Инаку, на мапата на Каракачанов денеска реагираа и македонскиот вицепремиер Никола Димитров, кој ја оквалификува како „предизборен фолклор“. – Во искушение сум бидејќи на некој начин е очигледно дека се работи за предизборен фолклор и колку поголема реакција предизвика оваа објава кај нас толку поголем ефект има кај нив. Меѓутоа принципиелно и со умерени зборови ќе кажам дека со оние кои сакаме да имаме добрососедски односи важно е да сме внимателни во она што го кажуваме и објавуваме на социјалните мрежи и треба да избегнуваме објави во кои има територијални претензии, истакна Димитров, откако од него беше побаран коментар при претставувањето на агендата „Европа дома“.

Премиерот Зоран Заев коментираше дека „кога ти местат пенал, веројатно треба да се шутира, но и треба да се внимава натпреварот да трае“.

– Ова го кажувам од аспект што Договорот за пријателство со Бугарија покажува дека државите меѓу себе немаат територијални претензии, а притоа ќе кажам и јас дека немам намера да влегувам во предизборен фолклор на соседна земја или која било друга пријателска земја, рече Заев.

Претходно реакција имаше и од Кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој оцени дека потегот на бугарскиот вицепремиер е „отворено кршење на Договорот за добрососедство“.

Би можело да ве интересира

Изгласана е новата Влада на Србија на чело со премиерот Милош Вучевиќ

(ВИДЕО) Уапсени 13 лица – мрежа на измамници преку кол центри од Србија украле милион евра од Германци

Анита Петровска Рајковиќ

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Бугарската амбасада во Албанија донираше во општина Пустец: „Секоја донација без задни намери е добредојдена“

А1он

Србија ги качи акцизите за гориво, кафе, алкохол

А1он

Бугарија гради база за прием на авиони Ф-16