Илјадници Албанци учествуваа во најголемиот протест оваа недела во Тирана против изградбата на луксузен туристички комплекс на еколошки чувствителните брегови на Јадранското и Јонското Море, планиран од компанија поврзана со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Проектот вреден 1,4 милијарди евра го води инвестициската фирма на Џаред Кушнер, „Афинти партнерс“, на остров покрај Албанија и на неразвиен дел од брегот во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, природен резерват.
Тоа е важно живеалиште за стотици видови птици, вклучувајќи го розовото фламинго и загрозениот пеликан, како и за гнездење на медитерански фоки и морски желки, објави денес Ројтерс.
Еколозите се спротивставуваат на планот, велејќи дека тој ќе влијае на стотици хектари недопрени плажи и на илјадниците фламинга што живеат таму.
Првите работи и распоредувањето на тешка механизација на локацијата Вјоса-Нарта предизвикаа протести од локалното население минатата недела, по што следуваа големи улични демонстрации во Тирана, јавува Танјуг.
Демонстрантите повторно се собраа пред канцеларијата на премиерот Еди Рама синоќа, скандирајќи „Револуција!“ и „Стоп на проектот!“, а некои бараа оставка од Рама.
„Албанија не е на продажба! Албанија му припаѓа на албанскиот народ и ние одлучуваме што сакаме да правиме тука. Некои корумпирани политичари кои ја владеат Албанија не можат да одлучат што можат да прават со нашиот имот, со албанското наследство, природното и културното наследство“, рече писателката Линдита Комани на протестот.
Рама застана во одбрана на проектот. Изведувачите рекоа дека нивната цел ќе биде одговорно управување и зголемена заштита на животната средина, објави Бета.
Министерката за економија и иновации Делина Ибрахимај изјави дека предложената инвестиција е подложена на проценка на влијанието врз животната средина, која ќе мора целосно да се усогласи со законите за животна средина и да го зачува локалното живеалиште.
Европските директиви за животна средина и албанскиот закон даваат правни гаранции против проекти што би можеле да ја оштетат заштитената лагуна и околните области, рече таа, според албанската државна новинска агенција АТА.
Кушнер најави планови за изградба на туристичкиот комплекс во 2024 година како дел од поширока инвестиција што го вклучуваше и поранешниот Генералштаб на српската армија во Белград, но минатата година, по протестите, тој го напушти договорот во Србија, потсетува Ројтерс.
