Официјална Приштина ќе дозволи гласање на косовските граѓани од српска националност за парламентарните и претседателските избори во Србија, кои ќе се одржат на 3 април, доколку се исполнат условите кои ги постави Владата на Албин Курти, објави порталот на албански јазик „Демокрациа.цом“.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовските медиуми пренесоа дека главниот посредник на Косово во преговорите со Србија, вицепремиерот Бесник Бислими, му доставил на специјалниот пратеник на Европската унија за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, предлог кој содржи четири услови за одржување на српските избори во Косово.
Првиот услов, според документот до кој дошол „Демокрациа.цом“, е како организатор на гласањето на Србите во Косово, во сета изборна документација и на сите гласачки места, да фигурира „Канцеларијата за врски на Србија во Косово“.
Владата на Република Косово, се вели во предлогот, „се согласува да им даде имунитет и дипломатски привилегии на гласачките центри и на лицата кои учествуваат во организирањето на изборите“.
Останатите три услови се: Мисијата на ОБСЕ во Косово да го го организира одржувањето на изборите и собирањето на гласачките ливчиња од гласачките места; на политичките партии и на политичарите од Србија не им се дозволува да водат изборна кампања на територијата на Република Косово; и да се примени реципроцитет за граѓаните на Косово кои живеат во Србија, според истите практики.
Владата на Албин Курти го забрани гласањето на косовска територија на српските граѓани за референдумот за уставни промени во Србија, одржан на 16 јануари годинава, спротивставувајќи се на барањата на САД и на земјите на ЕУ да го дозволи тоа.
Ден пред референдумот во Србија, на 15 јнуари, Собранието на Косово, на предлог на Владата, донесе резолуција со која во иднина се забранува организирање гласање на косовска територија за изборните процеси во Србија. Според резолуцијата,со организирање гласање за изборни процеси на друг држава на територијата на Косово,се крши косовскиот устав,односно интегритетот и суверенитетот на државата.
Со тоа се прекина праксата, која датира од 2012 година, косовските граѓани од српска националност да гласаат, со асистенција на ОБСЕ, на изборните процеси во Србија.
Властите во Приштина порачаа дека на косовските Срби со двојно државјанство не им се ускратува правото на гласање на референдумот во Србија, затоа што истото ќе можат да го остварат, „согласно меѓународните стандарди и практики“, преку пошта или во Канцеларијата за врски на Србија во Приштина.
Барањето да им се дозволи на косовските Срби да гласаат за изборите во Србија минатата недела го повотори и европскиот емисар Лајчак, за време на неговиот престој во Приштина, заедно со амерканскиот специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар.