Постои можност за придвижување на преговорите за влез на Турција во ЕУ, според претставник на Унијата

Од:

Употребата на репресивни мерки од страна на турските власти против антивладините протести не би требало да го попречи придвижувањето на преговорите за влез на Анкара во Европската унија, изјави денеска претставник на ЕУ, еден ден пред Европската комисија да ги објави извештаите за напредокот на земјите, кои се стремат да станат членки на Унијата, јави ДПА.

– Во извештајот не гледам ништо, што може да го спречи напредокот на Турција. Ќе побараме од земјите-членки да го исполнат тоа, што го ветија во јуни, истакна истиот извор, кој побарал анонимност.

Во јуни министрите од ЕУ дадоа согласност за отварање нова глава во преговорите со Анкара, прва во изминатите три години, но го одложија почетокот на преговорите, до објавувањето на годишниот извештај на ЕК за напредокот на Турција.

Министрите од ЕУ изразија загриженост поради насилството во земјата. Кон крајот на мај во Истанбул почнаа протести против уривањето на паркот Гези, кои постепено прераснаа во антивладини демонстрации во цела Турција. Во протестите, кои траеја со недели учествуваа околу два милиони лица.

Во судирите со полицијата загинаа неколку лица, а илјадници беа ранети. Во извештајот на ЕК за Турција, според истиот извор, се очекува да биде изразена загриженост од грубата реакција на Владата на протестите, а од Турција ќе се побара да „има корист од будењето на граѓанското општество, а не да води борба против него“.

Во извештајот ќе биде поздравен напредокот на Анкара во областа на реформите, вклучувајќи го и демократскиот пакет, објавен од премиерот Реџеп Таип Ердоган кон крајот на септември.

Министрите по европски прашања од земјите-членки ќе го искористат извештајот на 22 октомври за да ги определат следните чекори во процесот за приклучување на Анкара.

Според претставникот на ЕУ одлуката од јуни ќе биде потврдена, така што ќе може да се пристапи кон отварање нова глава, што, пак се очекува да се случи на почетокот на ноември. Македонија се соочува со препрека на патот за влез во ЕУ, поради долгогодишниот спор за Грција околу името, истакна истиот извор, напоменувајќи дека ЕК ќе препорача утре по петти пат конечно да почнат преговорите за членство.

Истиот извор истакна дека се учекува утре ЕК да препорача доделување статус на кандидат на Албанија со предупредување дека се очекува земјата да ја продолжи борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Србија се очекува да ги почне преговорите во јануари, а Црна Гора да се придвижи кон отварање на третата и четвртата глава во преговорите за влез.

– Напредокот на Босна и Херцеговина е отежнат. ЕУ објави минатата недела ќе блокира половина од средствата од европските претпристапни фондови, наменети за БиХ, поради неспособноста на земјата да ги спроведе потребните реформи, додаде истиот извор.

 

Би можело да ве интересира

Вооружена пресметка меѓу две групи во Турција: Три лица загинаа

Горан Наумовски

ЕУ увезува руска нафта преку турските пристаништа

ЕУ донесе нов правилник за Шенген и гранична контрола

Горан Наумовски

Дејвид Гир од Тетово: Сакаме да работиме со сите кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат