Албанската полиција употреби водени топови и солзавец за да ги растера неколкуте стотици демонстранти собрани пред парламентот во Тирана во понеделник, откако тие фрлаа јајца и шишиња врз полицајците за време на протестите предизвикани од планот за изградба на луксузен туристички комплекс поддржан од американскиот бизнисмен Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Судирите пред парламентот се најсериозниот инцидент од речиси два месеци протести во Тирана, кои организаторите ги нарекуваат „револуција на фламинго“, по птиците што живеат во заштитено мочуриште на јадранскиот брег на Албанија каде што се планираат луксузни хотели, објави Ројтерс.
Демонстрантите велат дека проектот претставува закана за природата и ги обвинуваат властите за корупција и фаворизирање на инвеститорите, додека албанскиот премиер Еди Рама ги отфрла тие тврдења и оценува дека протестите се политички мотивирани.
Полицијата во опрема за немири, со штитови и заштитна опрема, употреби водени топови против неколку стотици граѓани кои се собраа за да се обидат да ги отстранат заштитните огради околу зградата на парламентот.
„Ти благодарам Трамп што нè обедини“, скандираа демонстрантите за време на протестот.
Еден демонстрант рече дека целта на демонстрациите е да се смени владата.
„Ќе ги продолжиме протестите за да извршиме притисок врз нив. Ако нема притисок, тие ќе продолжат да ја продаваат Албанија“, рече тој.
За време на денешниот протест, кој започна утрово со собир на граѓани на плоштадот Скендербег, демонстрантите маршираа кон зградата на парламентот, каде што беа распоредени околу 500 полицајци.
Полицијата го прошири безбедносниот кордон околу парламентот, постави метални бариери и распореди дополнителни сили за да ја контролира ситуацијата.
Пред да започне официјалниот митинг, се случија првите инциденти кога некои демонстранти се обидоа да ги отстранат металните огради и да се приближат до зградата на парламентот.
Тензиите дополнително се зголемија кога демонстрантите почнаа да повикуваат на бојкот на медиумите и да бараат новинарските екипи да ги отстранат своите камери, објави албанскиот „Еуроњуз“.
Демонстрантите, исто така, фрлаа јајца кон возилата на некои министри, вклучувајќи го и автомобилот на министерот за одбрана Ермал Нуфи, извикувајќи „крадец“.
Шест албански полицајци беа повредени во судирите со демонстрантите и беа однесени во болница на лекување.
Поради блокадата на влезот во парламентот и одбивањето на демонстрантите да се разотидат, полицијата подоцна употреби водени топови за да ги расчисти блокираните патишта.
