Пратениците на парламентарното мнозинство во Собранието на Црна Гора го потпишаа Предлогот за поведување постапка за утврдување дали претседателот Мило Ѓукановиќ го прекршил Уставот. Таа иницијатива е доставена до претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ.
Причината за ова, според црногорските пратениците, е кршење на Уставот поради недоделување на мандатот за состав на нова влада на лидерот на ДЕМОС, Миодраг Лекиќ и неповикување на сите парламентарни партии на консултации за мандатар. Во иницијативата се потпишани 41 пратеник од вкупно 81.
Парламентарното мнозинство бара Ѓукановиќ да ја отповика одлуката која води кон избори. Претседателот претходно не го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада.
Од кабинетот соопштија дека тој испратил покана до сите партии, но дека претставниците на дел од нив не одговориле.