Од денес, 1 ноември, Црна Гора воведува визен режим за државјаните на Белорусија, Кина, Русија, Саудиска Арабија и Турција, како дел од усогласувањето на својата визна политика со онаа на Европската Унија и во согласност со обврските во процесот на пристапување кон ЕУ.
Министерството за надворешни работи на Црна Гора соопшти дека Амбасадата на Белорусија официјално ја известила Подгорица оти, почнувајќи од 1 ноември, и за црногорските државјани ќе биде потребна виза за влез во Белорусија, пренесува CDM.
Истовремено, црногорските државјани ќе можат да патуваат во Кина без виза до 31 декември 2026 година, според информациите од кинеската амбасада во Подгорица.
Што се однесува до Саудиска Арабија, за црногорските државјани и претходно беше потребна виза за влез во таа земја.
Државјаните на Белорусија, Кина, Русија, Саудиска Арабија и Турција кои ќе влезат во Црна Гора до 31 октомври во 23:59 часот, ќе можат да престојуваат до 30 дена без виза; сепак, од денес па натаму, за влез ќе биде потребна соодветна виза, освен во случаите предвидени со важечките прописи. Оние кои на 1 ноември веќе законски престојуваат во Црна Гора, можат да го продолжат својот престој во согласност со правилата што го регулираат нивниот престој.
Барањата за виза може да се поднесат во дипломатските или конзуларните претставништва на Црна Гора, или во центрите за поднесување барања на „VFS Global“, таму каде што е достапна оваа услуга.
Барањата не можат да се поднесат додека лицето се наоѓа на територијата на Црна Гора. Конзуларната такса изнесува 35 евра, а доколку барањето се поднесува преку центар на „VFS Global“, се наплаќаат и дополнителни трошоци.
Одлуката по барањето обично се донесува во рок од 10 дена; сепак, во посложени случаи, овој рок може да се продолжи на 30 или 60 дена.
Барањата за виза за краток престој (тип Ц) мора да се поднесат најдоцна 15 дена пред патувањето, додека барањата за виза за долг престој (тип Д) мора да се поднесат најмалку 60 дена пред планираното патување.
Дополнително, Црна Гора сега им овозможува на одредени категории странски државјани влез и престој во траење до 30 дена без црногорска виза, под услов да поседуваат важечка шенген-виза – или виза издадена од Австралија, Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Ирска, Соединетите Американски Држави или Обединетото Кралство – односно да поседуваат важечка дозвола за престој во некоја од овие земји или во земја што е дел од Шенген-зоната.
Министерството за надворешни работи наведува дека, во соработка со „VFS Global“, моментално го олеснува поднесувањето барања за црногорски визи преку центри во Турција, Русија и Белорусија, при што постојат планови за отворање дополнителни центри во Кина и Саудиска Арабија.
