На гласачкото ливче во Косово ќе стои само логото на Изборната комисија

Од:

Косовската Централна изборна комисија (ЦИК) одлучи на гласачкото ливче за локалните избори во Косово, што ќе се одржат на 3 ноември, да стои само нејзиното лого.

– ЦИК го усогласи изгледот на гласачкото ливче во согласност со законот. На ливчето ќе стои логото на Комисијата, кое исто така го содржи логото на државата, изјави членот на ЦИК, Бајрам Латифи.

Ваквата одлука ја потврди и Комисијата преку соопштение.

– Содржината на гласачкото ливче е во согласност со член 87, поточно 87.5 од Законот за избори. Гласачкото ливче ги содржи сите елементи кои ги бара Изборниот законик и ќе го има логото на ЦИК и ќе изгледа исто за целата територија на Косово, стои во соопштението на ЦИК.

Властите во Белград бараа на гласачкото ливче за локалните избори на 3 ноември да нема обележја на државноста на Косово или спротивно најавија дека нема да ги повикаат косовските Срби да учествуваат на изборите.

Пред неколку дена косовската претседателка Атифете Јахјага ја поттикна ЦИК, во согласност со нејзиниот мандат, да најде законско решение со кое ќе се почитуваат уставноста и законитоста на Косово и ќе се обезбеди учество на сите на изборите.

Таа, исто така, нагласи дека „овие избори треба да бидат демократски, слободни, праведни и сеопфатни“ и ја охрабри ЦИК „да најде решение кое ќе биде прифатливо за сите граѓани“.

– Учеството на сите граѓани на Косово на локалните избори има големо значење за нивната иднина и демократските процеси на Косово, изјави Јахјага.

Локалните избори, кои се предвидени и со Договорот од Брисел, се очекува да се одржат на целата територија на Косово и имаат за цел интегрирање на Србите од северот во државните инситуции.

 

Би можело да ве интересира

Маж во Косово почина по семејно насилство: Синот е осомничен дека го претепал

Ховениер: Косово да ги исполни сите свои обврски

Инцидент во Косовска Митровица, двајца прободени со нож по финален натпревар

Пеќ: Ранети се три лица, по напаѓачот е распишана потерница

Горан Наумовски

Припадничка на косовската полиција е пронајдена мртва во куќа во Гњилане

Непознати лица упаднале и напишале графити во црквата Света Троица кај Пеќ