Мета и папата апелираа за меѓуетнички и верски соживот во полза на мирот и стабилноста

Од:

Албанскиот претседател Илир Мета денеска на средба со папата Франциско во Ватикан му искажа „огромна благодарност“ за извонредниот придонес на Светата Столица за духовната и социјална преродба на католичката заедница и албанскиот народ, посебно по излезот од долгата изолација и воведувањето на плурализмот во Албанија.

Мета, како што јави дописникот на МИА, особено му се заблагодарил на папата за „светското издигнување на најзначајниот духовен симбол на албанската нација, Мајка Тереза“, со нејзиното прогласување за светица.

– Изразувајќи благодарност за посебното внимание што го покажува папата Франциско за албанскиот народ, претседателот Мета го увери понтифот за јасната и непроменета европска вокација на Албанија и Албанците и нивната решеност да чекорат по патот на европската интеграција, стои во соопштението на Кабинетот на Мета.

Двајцата соговорници ја истакнале огромната важност на албанскиот модел на хармонија меѓу различните верски заедници и се согласиле да ја продолжат тесната соработка меѓу Албанија и Светата Столица за понатамошно промовирање на оваа вредност низ целиот свет.

– Претседателот Мета и папата Франциско, исто така, разговараа и за последните случувања во регионот на Балканот и за огромната важност на меѓуетничкиот и верски соживот, во полза на стабилноста, безбедноста, мирот и благосостојбата на нашите народи, со цел никогаш не се повторат крвавите конфликти од 90-те години, се наведува во соопштението.

Папата „високо ја оценил силата на Албанците и нивната посветеност за духовно обновување по долгиот период на угнетување и забрана на верата“, ги нагласил постигнувањата на Албанија, особено на полето на слободата на вероисповеста и ги изразил своите извонредни впечатоци и гостопримството покажано за време на неговата посета на земјата.

– На враќање од Албанија, еден од новинарите ме праша зошто за мојата прва посета во Европа ја избрав токму Албанија, земја која не е членка на ЕУ. Одговорив дека ја избрав Албанија за да упатам порака, рекол Папата на средбата со Мета.

Папата додал дека во Албанија видел ретка глетка, кога за време на престојот во Тирана, имало многу млади луѓе како во ниту една друга земја. Затоа, му порачал на Мета, дека треба да сторат се младите да останат во нивната родна земја.

На средбата е разговарано и околу прашањето на емиграцијата, борбата против сиромаштијата, заштитата на животната средина, виманието кон семејството и посебно кон жената и децата и изградбата на похумано општество и свет во мир.

При престојот во Ватикан Мета беше придружуван од неговите две ќерки, Бора и Ера. Неговата сопруга Моника Круемади, која е лидер на Социјалистичкото движење за интеграција (МСИ) веднаш по изборот на Мета за претседател најави дека не се откажува од политиката, па улогата на „прва дама на Албанија“ ја презеде поголемата ќерка Бора (20).

Би можело да ве интересира

Обвинение против сопругот на Алма која со децата се удави во реката Бојана

Пронајдено е телото на второто девојче кое со мајката скокна во река

Бугарската амбасада во Албанија донираше во општина Пустец: „Секоја донација без задни намери е добредојдена“

А1он

Македонците, заедно со Власите, Ромите и Египќаните бараат гарантирани пратенички места во албанскиот парламент

Молотови коктели на протест во Тирана

Истрагата за двојно убиство во Албанија се проширува во Македонија, уапсен за дрога во Прилеп контактирл со убиените

Катерина Ѓуровски