Мешање на соседите: Словенија со Хрватска, Хрватска со Србија…

Од:

Радио Слободна Европа – Прага

Овие денови во Брисел продолжуваат важни разговори за Акциониот план на Србија во врска со отварањето на поглавјата 23 и 24 за владеење на правото. Србија очекува Хрватска да го промени својот став за условувањата за продолжување на европскиот пат на Србија, додека не исполни некои услови, а тоа се: почитување на малцинските права, соработка со Хаг и укинување на надлежноста за процесуирање на воените злосторства на подрачјето на поранешна Југославија.

Дали овие соседи ќе најдат заеднички јазик да може Србија во јуни да ги отвори поглавјата за кои доби зелено светло од останатите 27 членки на ЕУ?

Шефицата на Преговарачкиот тим на Србија со ЕУ, Тања Мишчевиќ, за Радио-телевизија Србија (РТС) изјави дека е можно Хрватска да го промени својот став, дека смета дека и Загреб почнува да сфаќа дека тоа се билатерални прашања и дека на тој начин и треба да се разгледуваат, а не во преговарачкиот процес.

Мишчевиќ вели дека Србија на некои од нив веќе одговори преку акциони планови во кои се внесени идеите за тоа како да се надминат споровите.

„Како што разбирам јас, тие прашања тие ги поставуваат како услов без кои поглавјата нема да можат да се затворат‟ – наведе Тања Мишчевиќ.

И Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика, смета дека веќе има знаци дека Загреб ќе побара спорните прашања да се решат до затворањето на поглавјата, значи дека нема да го спречува отварањето на поглавјата во јуни оваа година:
„Тоа што е евидентно е дека постои во ЕУ политичка волја за отварање на поглавјата 23 и 24‟ – констатира Јоксимовиќ.

Министерот за надворешни работи на Хрватска Миро Ковач, неодамна изјави дека Хрватска не се заканува на Србија, туку дека сака, како членка на ЕУ, само да помогне, рече Ковач во интервју за виенскиот весник „Ди Пресе‟.

Загрепскиот професор Бранко Царатан, оценува дека новата хрватска влада нема да попушта, кога станува збор за универзалната надлежност за судењето на воените злосторници и принципите на реципроцитетот. „Српската Влада имаше многу добри односи со денешната владејачка партија пред хрватските избори и очекуваше наивно дека новата хрватска Влада ќе биде по толерантна од минатата. Тоа е погрешна проценка, но сепак верувам дека нема да има поголеми компликации‟ – вели Царатан за РСЕ.

Законот за воени злосторници на Србија во кој се наоѓа, за Хрватска спорниот закон за универзална надлежност, донесен во 2003 година, креиран е во соработка и директно учество и на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОЕБС) и Хашкиот трибунал, вели Иван Јовановиќ, експерт за меѓународно кривично право.

Притоа, таквиот закон се наоѓа во законодавствата на многу земји, но Србија би можела да направи отстапка на Хрватска да го укине тој член од Законот за воени злосторници или да го измени поради добрососедските односи – вели Јовановиќ.

Србија може да пропише ограничувања кои ги има хрватскиот закон, а тоа е да нема судења и покренување на обвиненија во отсуство, како и експлицитно да каже дека приоритет ќе даде на земјата чиј граѓанин е обвинет. Едноставно, да се ублажи перцепцијата која ја имаат државите во регионот за тој закон – сугерира Јовановиќ, кој своевремено го водел секторот за воени злосторства во ОЕБС.

Положбата на малцинствата

Вториот комплекс на прашања кој Загреб го смета за спорен е положбата на малцинствата, па и на Хрватите во Србија. Хрватска и Србија потпишаа Договор за меѓусебна заштита на малцинствата уште во 2004 година, а се ратификуваше во 2005 година.
Меѓутоа, многу нешта останаа само на хартија.

Томислав Жигманов, претседател на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина, наброи што се не е исполнето, но сепак смета дека тоа не е причина за кочење на европскиот пат на Србија: „Нема обезбедно право на политичкото претставување на хрватското малцинство во изборите за локално, покраинско и републичко ниво на власта, не обезбеди учебници за настава на хрватски јазик, нема образование со хрватски учители и наставници, нема решено финансирање на културните и другите организации на хрватската заедница‟.

Сепак, на прашањето дали тоа треба да биде услов за отворање на поглавјата или тоа треба да се реши на други начини, Жигманов одговара: „Јас мислам дека треба да се реши во билатерални средби. Но, ние не се прашуваме!‟.

Инаку, мешањето на соседите на европскиот пат не е хрватски куриозитет: прво тоа го направи Словенија на Хрватска (кога Хрватска вети дека таа нема да го направи истото на соседите, вети, па заборави), Грција со години ја блокира Македонија, ќе видиме што ќе направи Белград кога Косово ќе дојде на ред…

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Тепачка во трамвај во Загреб, се пресметаа двајца постари мажи

Изгласана е новата Влада на Србија на чело со премиерот Милош Вучевиќ

(ВИДЕО) Уапсени 13 лица – мрежа на измамници преку кол центри од Србија украле милион евра од Германци

Анита Петровска Рајковиќ

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Србија ги качи акцизите за гориво, кафе, алкохол

А1он

Вучевиќ ги соопшти имињата на министрите во српската Влада