Медиумите за изборите во Грција: Победата на Сириза ќе ја растресе Европа

Од:

Странските медиуми во првичните анализи на победата на Коалицијата на радикалната левици (Сириза) на вчерашните парламентарни избори во Грција, оценуваат дека тоа од корен ќе ја растресе Европа, но дека ќе предизвика потреси и на глобалните пазари.

Лондонскиот весник „Гардијан“ смета дека победата на Сириза претставува одлука на грчкиот народ да ги отфрли строгите мерки на штедење, која треба да се почитува. Весникот потсетува дека Грците шест години протестираа против строгите мерки на штедење наметнати од еврозоната, но сега конечно го изгубија трпението и ги отфрлија ваквите политики што ги водеше Владата на досегашниот премиер, Андонис Самарас.

Според весникот, следниот грчки премиер и лидер на Сириза Алексис Ципрас на вчерашните избори добил мандат да спроведе сериозни промени и да ги ублажи досегашните строги мерки, но за сега е неизвесно што од тоа навистина ќе се случи.

„Гардијан“ смета дека главно прашање што се поставува сега е дали меѓународните кредитори ќе можат да најдат заеднички интерес за постигнување договор, кој за исто време ќе ги задволи и Грците, но и останатиот дел од еврозоната, а пред се, Германија.

Њујоршкиот весник „Волстрит Џурнал“ оценува дека вчерашните избори во Грција претставуваат „народен бунт против горките економски лекарства“ што на Грција и беа сервирани од европските земји.

Победата на Сириза претставува растресување на политичкиот поредок во Европа каде со децении доминира ортодоксниот центризам, додека многзинството од членовите на Сириза се декларираат како марксисти, наведува весникот.

Според „Волстрит Џурнал“, победата на Сириза може да им даде поттик и на други радикални партии во Европа, како што се екстремно десничарскиот Национален фронт во Франција или новоформираната левичарска партија Демос во Шпанија.

„Блумберг“ пак оценува дека по пет години стегање на ремените, Грците конечно кажаа „доста е“.

Сега прашањето е како другите земји во еврозоната ќе реагираат на победата на Сириза и нејзиниот лидер Алексис Ципрас, кои категорично се противат на мерките на буџетски штедења, наведува „Блумберг“.

Политикологот од универзитетот Јеил, Статис Каливас за „Блумберг“ вели дека најприфатливото сценарио би било Ципрас да добие неколку „моркови“, односно да потпише нов финансиски план за спас под друго име и да ја натера партијата да го прифати.

Според Каливас, со ваквата варијанта, која е малку веројатна, доколку Ципрас се трансформира во социјлдемократ и ја реформира Грција, тогаш ќе може да доминира на грчката полиитчка сцена во следните десет до 15 години.

Каливас, сепак, смета дека најверојатното сценарио е Ципрас да формира владина коалиција која ќе нема јасно определен план и која ќе ги користи подобрените економски перспективи на земјата.

„Вашингтон пост“ оценува дека на историските избори Грците категорично ги отфрлиле мерките на буџетски штедења.

Весникот смета дека Ципрас во изборната кампања понудил не премногу реална платформа за заживување на грчката економија, која опфаќа враќање на работа на отпушените работници, зголемување на минималната плата, поголема достапност до здравственото осигурување и бесплатна струја за домаќинствата кои неможат да ја плаќаат.

Ваквите ветувања привлекоа голем дел од жителите во земјата во која една третина од населението живее под и околу прагот на сиромаштијата и е сеиозно погодено од рестрикциите и рецесијата. Избирањето на првата радикална лева влада во историјата на ЕУ ќе претставува сериозен предизвик за меѓународните кредитори, смета „Вашингтон пост“.

„Њујорк тајмс“ оценува дека Грците ги донеле на власт „непријателите“ на буџетските штедења.

Победата на Сириза претставува бумеранг за Европа, каде долготрајното економско опаѓање создаде популистички реакции од Франција, па се до Шпанија и Италија. Се поголем број избирачи ги отфрлаат политиките кои бараат жртви за покривање на барањата на кредитерите, а не обезбедија повеќе работни места и благосостојба. Сириза станува првата партија што се противи на мерките на штедењекоја доаѓа на власт во една земја од еврозоната, наведува „Њујорк тајмс“.

Според „Дејли телеграф“, Сириза, која ја оценува како збир на комунисти, маоисти и социјалисти, сака да ги фрли во вода петте години на економски штедења и да анулира голем дел од грчкиот долг.

Доколку ваквите најави се исполнат ќе се доведе во прашање останувањето на Грција во еврозоната, смета „Дејли телеграф“.

„Фајненшл тајмс“ оценува дека иако Ципрас во предизборната кампања се претставуваше ако цврст радикал, тој во улога на премиер може да се покаже како прагматичен лидер, кој ќе знае да балансира меѓу барањата на Грците и меѓународните кредитори.

Весникот „Московски Комсомолец“ смета дека Европа е вознемирена што на власт во Грција доаѓа Сириза на чело со Ципрас, кој се заканува да го отфрли режимот на штедење што и беше наметнат на Атина.

Весникот пренесува изјава на лидерот на италијанската опозициска Северна лига, Матео Салвини, кој оценува дека изборните резултати во Грција претставуваат „убава шлакница“ за ЕУ и за банките.

Московскиот весник смета дека успехот на Сириза може да влијае врз пораст на популарноста на политичките сили во еврозоната кои заговараат откажување од еврото.

Германскиот весник „Шпигел“ оценува дека изборните резултати во Грција претставуваат „катастрофално сценарио“.

Атина повеќе нема да ги почитува преземените обврски за реформи и кога ќе се потрошат парите, Ципрас едноставно ќе престане да го враќа долгот на Грција поради што Европската централна банка не да ги рефинансира грќките банки и земјата повторно ќе западсне во криза и ќе биде принудена да ја напушти еврозоната, смета „Шпигел“.

Сепак, според весникот, Ципрас има шанса да го спречи ваквото катастрофално сценарио и да означи почеток на политичкиот препород во Грција со тоа што нема да пристапува кон еднострани решенија.

„Дојче веле“, пак, пренесува изјави на претставници на германските владејачки демохристијани кои оценуваат дека вчерашните избори биле „лош ден за Грција и за Европа“.

Германската државна телевизија АРД оценува дека пред новата грчка влада постои огромен список на задачи кои ќе мора да ги спроведе, прогнозирајќи дека кредиторите ќе опстојат на барањето Грција да ги исполнува своите обврски.

Францускиот весник „Либерасион“ смета дека по вчерашните избори во Грција, Европа се соочува со компромис за преструктуирање на грчкиот долг, оценувајќи дека патот до тој компромис иако е доста тежок, сепак е единствениот излез.

Алексис Ципрас кој им влеа премногу надежи на гласачите, сега ќе мора да се соочи со реалноста, заклучува „Либерасион“.

Би можело да ве интересира

Гужва за влез во Грција: На Богородица се чека по еден час

А1он

Двајца Македонци осудени на по пет години затвор во Грција, внесувале фалсификувани лични документи

Грција воведува шестдневна работна недела

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески