Манипулирање со патриотизмот: Државните непријатели и личните интереси

Од:

Радио Слободна Европа – Прага

Што денес во интерпретација на црногорската власт е патриотизмот? Дали навистина значењето е искривено и колку патриотизмот се искористува за дискредитација на политичките противници и неистомислениците? Дали патриотизмот во земјата во која опозицијата ја обвинува власта дека себе се изедначила со државата всушност стана згодно место за сите на кои личниот интерес им е пред државниот?

Раде Бојовиќ, поранешен лидер на Движењето за независност и еден од антивоените асови од почетокот на 90-тите, за нашето радио вели дека по овој повод сака да го избегне сеќавањето на многукратното и истрошеното значење на патриотизмот и осврнувањето на се почестите манипулации со поимот патриотско чувство во Црна Гора.

– Кога се распадна Југославија, со што се отвори пат за создавање на актуелните балкански колонии и протекторати, за мене патриотизмот беше отпор на злосторничките политики и одбрана на правото на југословенските народи и граѓани на мирен живот, демократско одлучување и интеграција во европската заедница. Кога на Црна Гора и се закануваше да исчезне пред нападите на големосрпската политика за мене патриотизмот подразбираше државотворна Црна Гора, идеја за граѓанска заедница, но и право на црногорскиот народ на сопствен идентите – наведе Бојовиќ и додаде:

– Подоцна по обновата на државноста, за мене патриотизмот подразбираше слободен граѓанин, а не поданик, политичари посветени на јавниот интерес и на земјата во која убедливото мнозинство ќе има сигурен и пристоен живот.

Меѓутоа, за многумина вели активистот Горан Ѓуровиќ, патриотизмот беше згодна алатка која на властите во различни системи им ја олесни хегемонизацијата околу нивните идеи и цели и прогласување на предавници на тие кои не се согласуваа со тие цели и идеи.

– Ќе потсетам на пример, дека во почетокот на 90-тите предавници беа прогласени сите тие кои тогашниот и сегашниот премиер Ѓукановиќ го предупредуваа дека војната и нападот на Дубровник не е добра. Нивниот глас на разумот е прогласен за нешто што е антидржавно и е насочено против граѓаните на Црна Гора. Денес се случува слична ситуација. Сите тие кои укажуваат на пропустите и недостатоците во работата на државните институции, администрацијата, тие кои се на одговорни функции, прогласени се за антидржавни елементи – констатира Ѓуровиќ.

Претставниците на црногорската власт во повеќе наврати за недостигот на патриотизам ги обвинија нивните критичари кои на меѓународни адреси укажуваа на сериозни внатрешни проблеми.

Како државен непријател често се етикетирани медиумите, опозиционерите и активистите на граѓанскиот сектор кои тврдат дека токму инсистирањето на акутните општествени проблеми, е знак на љубов кон државата.

Пратеникот на владејачката Демократска партија социјалистот Обрад Станишиќ вели дека и самиот бил сведок на критикување на државата во странство.

– Мислам дека некои пратеници од опозицијата, во што и јас се уверив при наш заеднички престој во странство и во парламентарните посети, сакаат Црна Гора да ја претстават во што полошо светло. Тука пред се мислам на пратениците од опозицијата, посебно на дел од пратениците на Демократскиот фронт. По мое мислење, некои невладини организации и некои медиуми и тоа како се во голем сооднос со некои политички партии и тие настапуваат како еден политички фронт – смета Станишиќ.

Замена на тезите

Колумнистот на подгорички Вијести Брано Мандиќ вели дека денес зад штитот на државата и патриотизмот се кријат сите кои имаат проблем да ги објаснат своите дела и однесувањето. Тој тоа го доживува како класична замена на тезите.

– Значи, ако ние утврдиме дека крушата или јаболката е патриотизам и секој ден го повторуваме тоа до изнемоштеност, тогаш секој кој ќе каже дека нешто друго е патриотизам ќе биде голем противник. Ние сме тешко осакатени со тој дискурс на националниот симбол, ние сме уништени и испреплашени од нацијата која требаше да се основа пред 150 години. И секој кој би спомнал нешто што е патриотизам, економски патриотизам или патриотизам со ширење на културна мисија, нешто што треба да го развие ова општество, тоа е во втор план. Ние се бавиме со манипулација – оценува Мандиќ.

Со таа оценка се согласува и Горан Ѓуровиќ

– Тоа веќе премина во вулгарност која очигледно не е туѓа на носителите на власта. Исто како што беше смешно по 2006 година. Истакнување на знамиња на сите можни места. Тогаш на некој начин беше јавна тајна дека луѓето мислеа дека можат да крадат, а дека ќе бидат заштитени се додека има знамиња на нивните куќи или деловни простории, дека ќе бидат заштитени од контролата на државните органи. Врвен патриотизам можеа да докажат со почитување на законите. Одговорноста кон државата се гледа во плаќање на даноците и вршење на сите функции во согласност со законот и Уставот – вели Ѓуровиќ.

Раде Бојовиќ вели дека денес, за жал, не живее во земја на слободни граѓани, во земја која ја водат политичари посветени на јавниот интерес, ниту во држава во која убедливото мнозинство има сигурен и пристоен живот. Затоа, вели тој, патриотизмот за него останал уште еден несебичен обид младите генерации да се охрабрат да не губат надеж.

– Да не размислуваат за бегање од родната земја, туку активно да ги поддржат процесите кои ќе значат заминување на оваа атрофирана власт и почеток на создавање на услови за подобар живот од тој кој го живееме денес или кој го искусивме поспедните децении – наведува Бојовиќ.

Наспроти свеста дека на патриотизам денес најчесто се повикуваат тие на кои личниот интерес им е пред интересите на државата, Брано Мандиќ вели дека тие кои криминалот го кријат зад државното знаме и симболи, не можат да му ја убијат љубовта кон неговата држава, што е ирационална категорија, вели тој.

– Јас ја чувствувам и ја следам таа трага на некое космополитско разбирање на стварноста, но не можам да ја негирам таа емотивна страна која ми е всадена уште додека бев дете. Но, тоа не значи дека треба да и се препуштам и да бидам магаре – вели Мандиќ.

Би можело да ве интересира

Полициска рација во просториите на црногорската Агенција за сузбивање на корупцијата

Инцидент во Бар: Со нож го нападнал сопствениот брат, уапсен е за обид за убиство

Во престрелка во Црна Гора е убиен 29-годишен маж

Горан Наумовски

По силниот, уште два помали земјотреси ја погодија Црна Гора: „Силно се почувствува во Никшиќ“

Горан Наумовски

Силен земјотрес во Црна Гора

Нов земјотрес e регистриран во Црна Гора